Ќе почекаме на наследството од СФРЈ во Атина

Преговорите со Србија за преземањето на конзултатот ќе траат до наесен
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Иако беше склучен договорот за распределба на дипломатскиот имот на СФРЈ, неизвесно е кога Македонија ќе добие клуч на рака за конзулатот во Атина. Договорот за конзулатот навлегува во формално-правна процедура и преговори со Србија, а договарањето како и секој меѓународен договор меѓу две држави се очекува да трае повеќе месеци.
Зградата на конзулатот на поранешна СФРЈ во грчкиот главен град сега се користи како конзуларно одделение на Србија и се наоѓа во задниот дел на српската амбасада во Атина, во непосредна близина на амбасадата на САД. Главното прашање во овој период е кога Македонија би можела да ги преземе просториите. Како што ни изјавија од македонското Министерство за надворешни работи, веќе се почнати преговорите со Србија за примопредавање на просторот, кои се очекува да траат неколку месеци. Според МНР, преговорите најрано би можеле да се затворат некаде наесен. Дипломатски извори оценуваат дека процесот како и секој друг меѓународен процес меѓу две држави би траел и многу подолго, особено во конкретниот случај каде што поради услови на „развод“ на државите од СФРЈ договарањето е дополнително отежнато.
Според МНР, во Скопје се нема конкретен план што ќе се прави со наследените простории на конзулатот на СФРЈ. Амбасадата на Македонија, која се наоѓа во населбата Психичко во овие простории што ги добивме. Просториите на конзулатот до 200 квадратни метри што ги наследи Македонија ќе биде потребно да се реновираат, а од МНР велат дека се прават анализи и процени за тоа како ќе бидат искористени.
За нашата држава, според МНР, ова доделување имот во Грција е многу позитивен чекор, со оглед на тоа дека поради формални и правни проблеми поради спорот со името досега немала недвижен имот во Грција. Меѓутоа, за процедурата околу тоа како документот за недвижен имот ќе биде заведен во Грција се' уште не се размислува, бидејќи се работи на основната процедура на примопредавање на имотот со Србија.
Како што пренесуваа македонските медиуми пред неколку години, уште во 2001 година е потпишан Генерален договор меѓу државите-наследнички, во чиј втор анекс се опфатени дипломатските претставништва, меѓутоа ниту една земја немаше преземено во своја сопственост ниту една од зградите, бидејќи примопредавањето на досега прераспределените 44 треба да се изврши наеднаш. Амбасадата во Париз, која Македонија ја добила во владеење, е надвор од оваа група, поточно сите земји-наследнички зедоа по една амбасада пред да почне поделбата на преостанатите над 120 дипломатски претставништва на СФРЈ низ светот. Неофицијално, договор за конзулатот во Атина да и' припадне на Македонија постоел уште од 2007 година, така што сегашниот договор на мешовитиот комитет за поделба на дипломатскиот и конзуларниот имот се гледа како придвижување на целиот процес.
Освен амбасадата во Атина, Македонија ја добива и амбасадата во Канбера, но и стан во во Цирих. Со оглед на тоа дека во Швајцарија имаме амбасада во Берн, останува да се види што ќе се прави со станот, дали ќе дојде до некакво негово заменување со подобри простории во Берн или во Женева. |