Црна треска од кучиња-скитници
Уличните кучиња во Тетово се сериозна опасност за граѓаните. Месечно по десетина граѓани пријавуваат каснувања од кучиња
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО – Беснило, кучешка тенија, кала азар, или кај народот позната како црна грозница, ги демнат граѓаните што се постојано изложени на опасноста да бидат нападнати од кучиња-скитници, со кои е преплавен тетовскиот крај. Според лекарите, се чини најопасна е црната грозница, која е тропско заболување што почнува да се шири и во земјава, а остава тешки последици за здравјето на луѓето.
Според официјалните податоци, месечно во просек по 10 каснувања на граѓани од кучиња се регистрираат во Тетово. Во Центарот за јавно здравје во изминатите пет месеци од годинава се евидентирани 44 каснувања, а минатата година имало над 80.
„Ова се официјални податоци за незгодите на граѓаните што се регистрирани во нашиот Центар. Меѓутоа, бројката е релативна зашто има граѓани, кои иако се обврзани да го пријават случајот, се одлучуваат да не го направат тоа. За среќа, немаме евидентирано потешки последици кај каснатите што не е никаква утеха. Според законот, сите каснувања од животни треба да се пријават заради неминовноста од антирабична заштита“, вели д-р Сузана Субашиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Тетово.
Докторката предупредува и на разни опасности на кои луѓето се изложени кога е во прашање каснување од куче-скитник. На прво место е опасноста од беснило, а потоа следуваат кучешка тенија и кала азар.
Никој не направил евиденција за тоа колку на булеварите, парковите, сокаците на Тетово има кучиња-скитници. Некои велат дека има над 1.000. Други сметаат дека оваа бројка е двојно поголема.
Посебно се опасни кучињата што имаат отворени рани по телото, на кои влакната неконтролирано им паѓаат, а кои најчесто се собираат кај отпадите, а потоа пренесувајќи различни болести, шетаат по улиците. Иако првиот впечаток е дека „одвај се движат“, често се случува ваквите кучиња да бидат агресивни кон минувачите. Болестите од кучињата лесно се пренесуваат на други животни, но и на домашните миленичиња ако дојдат во допир со нив.
Токму од овие причини, Секторот за внатрешни работи - Тетово неодамна упати апел до граѓаните да не ги оставаат без надзор домашните кучиња и другите миленичиња и да не се водат на прошетка без заштитни средства.
На сопствениците што ќе постапат спротивно од обврските што произлегуваат од законот им се заканува прекршочна пријава и казна од 100 до 400 евра. СВР - Тетово смета дека граѓаните правилно ќе го сфатат ова предупредување, кое, главно, е заради нивната безбедност.
Како и да е, во случајот со кучињата-скитници недостига организирана и осмислена акција. Тетово пред десеттина години поседуваше стационар каде што по утврден третман од неколку дена, кучињата им се предаваа на заинтересирани семејства или повторно се пуштаа на улица. Тогаш биле згрижени или аутанизирани околу 400 кучиња, но проектот престанал поради недостиг од финансиски средства. Локалната самоуправа најавува изградба на нов стационар, но до овој момент ништо конкретно не е преземено. Проблемот останува отворен и е сериозно загрижувачки поради фактот што во Тетово од ден на ден има се' поголем број кучиња-скитници што не се плашат да нападнат.
Опасности
Беснило, кучешка тенија и црна грозница, ги демнат треска што се постојано изложени на опасноста да бидат нападнати од кучиња-скитници
Совети
Сите каснувања од животни треба да се пријават заради неминовноста од антирабична заштита
Казни
На сопствениците што не го почитуваат законот им се заканува прекршочна пријава и казна од 100 до 400 евра
Апел
Полицијата апелира до граѓаните да не ги оставаат без надзор домашните кучиња и да не се водат на прошетка без заштитни средства
|