Во вторник ќе се гласаат потпретседателите на Собранието
08.07.2011, 16:16
Собранието на Република Македонија во вторник треба да ги избере потпретседателите на Парламентот и се очекува да ги верификува мандатите на двајца нови пратеници по оставките на мандатарот Никола Груевски и Горан Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Се уште не се знае кога мандатарот ќе го достави составот на новата влада во Парламентот. Законскиот рок истекува на 18 јули.
Сузана Анова и Стевче Трпковски, според Државната изборна комисија, се двајцата нови пратеници кои ќе седнат во собраниските столчиња. Во понеделник собраниската Верификациска комисија ќе ги потврди мандатите на Анова и Трпковски врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за прифа��ање на остатокот од мандатот за пратеник во Собранието, согласно член 153 од Изборниот законик.
Двајцата се од листата на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица еден.
За вторник претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја закажа третата седница на која се очекува да бидат изгласани предлозите за потпретседатели на Парламентот.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата вчера ги утврди предлозите Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ, Јани Макрадули од СДСМ и Сузана Салиу од ДУИ да бидат тројцата потпретседатели на Собранието. Првпат Парламентот ќе има две жени потпретседатели, а Салиу е правата жена Албанка што ќе биде на оваа функција.
|