Грција
Хилари Клинтон доаѓа во Атина
08.07.2011, 20:34
Атина - Американскиот државен секретар, Хилари Клинтон доаѓа во Атина. Како што информираат од грчкото министерство за надворешни работи, Клинтон пристигнува во дводневна посета на Атина на 17 јули. Шефицата на американската дипломатија доаѓа на покана на новиот грчки министер за надворешни работи, Ставрос Ламбринидис. Клинтон за време на посетата на Атина ќе се сретне со грчкиот претседател Каролос Папуљас, премиерот Јоргос Папандреу, Ламбринидис и ред други политичари. На средбите ќе се говори за цел спектар теми од заеднички интерес меѓу кои економската криза, состојбата на Балканот, кипарското прашање и грчко- турските односи, но и развојот на настаните на Блискиот и��ток, состојбата во Либија и ред други. Пред посетата на Атина Клинтон ќе биде два дена во Турција, а веднаш по средбите во Атина на 18-ти заминува во Љу Делхи за втората рунда од стратешкиот дијалог меѓу САД и Индија.
Првично Клинтон требаше да ги посети Атина и Анкара во фебруари годинава, меѓутоа посетата беше одложена поради немирите во Египет кои потоа се раширија во регионот. Во јануари се шпекулираше дека на средбата на Клинтон со грчкиот државен врв веројатно ќе се говори и за спорот со името со цел забрзување на преговарачкиот процес, непосредно пред средбите на македонската и грчката страна со медијаторот Метју Нимиц.
Клинтон последен пат беше на Балканот во октомври 2010 во посета на Србија, Косово и Босна и Херцеговина и при нејзините средби побара овие држави да работат на корегирање на билатералните односи со цел подобрување на стабилноста и економската состојба на Балканот. Тогашното заобиколување на Скопје од страна на Клинтон беше протоклувано како тивка порака од САД дека треба да се покаже што побрз прогрес и волја за решавање на спорот и од македонска и од грчка страна. Во медиумските кругови во Грција се шпекулира дека трпението на САД за проблемот со името е при крај и се крајно незадоволни од односот на двете држави и беизлезната ситуација во која се наоѓа ова прашање. (М.П.)
|