Турски магнат купува грчки острови
Фикрет Инан преговара за купување на островите Лихнари, Калцониси, Микри Аморгос, Кардиотиса
Атина - Турскиот бизнисмен Фикрет Инан преговара со брокери за купување на грчките острови Лихнари, Калцониси, Микри Аморгос, Кардиотиса, Наусика и Вувало, чија површина изнесува меѓу десет илјади и два милиона квадратни метри, наведува атинскиот весник „Авријани“.
Според весникот, Инан, кој е сопственик на градежна компанија, најавил дека на шесте грчки острови планира да изгради хотелски комплекси и да воспостави врска со фериботи до турскиот брег.
„Авријани“ посочува дека неодамна Инан за 35 милиони долари купил остров со површина од 400.000 квадратни метри во близина на турскиот град Измир, на кој планира да изгради луксуз��н комплекс од хотели и вили.
Турскиот бизнисмен проценува дека за купување на грчките острови ќе му бидат потребни меѓу три и 20 милиони евра, по што е подготвен да инвестира уште околу 80 милиони евра за изградба на хотелските комплекси. Покрај ова, тој планира да отвори и филијала на својата градежна компанија во Грција.
Инан смета дека не е исклучено ваквата негова постапка да предизвика негативни реакции во Грција, но, сепак, се надева дека ќе наиде на позитивен прием од страна на властите во Атина.
Тој смета дека ако неговиот пример го следат и другите турски бизнисмени и почнат да купуваат острови во Егејското Море, Турција ќе обезбеди полесен пристап до Европа. |