Заминува дамата во розово
Симоне Филипини, амбасадорка на Кралството Холандија од Скопје, заминува на нова функција во Мајами, САД
Димитар Чулев
„За мене е неразбирливо да имате олку убава земја, а сите да ја валкаат цело време. Значи, чистете го ѓубрето, возете велосипед, пешачете колку што можете, спортувајте, движете се. Тоа е важно. Различен животен стил. Бидете отворени и толерантни. Бидете љубопитни... “.
Ваква порака преку интервју во „Вест“ упати деновиве амбасадорката на Холандија Симоне Филипини, која од идната недела и по четири години дипломатски „стаж“ во Македонија. заминува. „Во Мајами во холандскиот конзулат“, откри вчера на една од низата проштални средби со кои ќе биде преокупирана наредниве денови: Дамата во розово, како што најчесто ја нарекуваа елегантната амбасадорка, сеприсутна речиси на сите случувања во Македонија - од средби на кои во име на нејзината влада донирала некаква помош за некое селско училиште, до традиционалниот „Виенски бал“ за ВИП-личности, од средби со обични луѓе на кои им велеше дека никој нема право да им го земе правото на глас, преку поддршка на геј-парадите се' до сериозните средби со државниот врв – стекна многу пријатели со кои треба да се збогува.
Вчера на основањето на новата женска иницијатива „Women unlimited Macedonia“ откри уште една нејзина желба: „Мојот сон, беше и во Македонија да се обезбеди една ваква организација, која е огромна инспирација за широк спектар жени од сите возрасти, националности професии и потекло..Тоа е начин на решавање на прашањата поврзани со зајакнувањето и еменципацијата што одговара на 21 век“.
Од понеделник Филипини ќе „скокне“ до пријателите во Битола и во Прилеп каде што ќе се отвори парк што ќе го носи нејзиното презиме „Филипини“.
Секогаш насмеаната амбасадорка не остана „незаинтересирана“ за настаните кои можеби не беа во доменот и описот на нејзиното работно место, но за кои изразуваше личен став: Беше помалку саркастична на денот на пристигањето на „Воинот на коњ“ во Скопје. „Тоа е ваша работа, вие треба да имате став за ова“, рече тогаш Филипини во кусата изјава на една од телевизиите што ја уловија како качена на оградата го фотографира местото каде што треба да се уреди фонтаната за коњаникот. Но, беше дипломатски студена кога се случија настаните на Кале кога поради учеството на еден соработник во холандската амбасада, беше повикана да прими протесна нота од македонското МНР.
Но, тоа се детали што забораваат… се е само дел службата. Но, затоа како симпатичен гест од нејзина страна е моментот кога на премиерот Никола Груевски му подари велосипед. Розов, веројатно поради бојата што дефинитивно ја обожава.
Вчера претседателот Ѓорге Иванов ја прими на проштална средбa амбасадорката на Кралството Холандија, Филипини, искажала благодарност до македонските институции за соработката и поддршката во вршењето на дипломатските должности, но, пред се', за топлиот прием и гостопримството во нашата земја за време на нејзиниот мандат. Таа нагласи дека заминува од Македонија со многубројни спомени и позитивни впечатоци.
Изразено било заемно задоволство од развојот и достигнатото ниво на билатералните односи меѓу Кралството Холандија и Република Македонија, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот, како и од зголемениот обем на севкупна соработка меѓу Република Македонија и Кралството Холандија, особено на планот на економијата, културата, туризмот. На средбата неизбежно беа разменети мислења за евроатлантските аспирации на Република Македонија.
Гостите од Холандија кои и годинава со доаѓањето во голем број потврдија дека му се враќаат на Охрид, се делумно нејзина заслуга и последица на нејзината искрена приказна за Македонија. |