Број 3625  петок, 08 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter

Жена

Не дозволувајте климактериумот да ви ја избрише насмевката

Валентина Тодоровска


Војна на хормоните, втор пубертет, кадифени женски години, време на плачење, дивеење, климакс, менопауза... и како се' не стереотипно се нарекува и опишува климактериумот. На многу жени менопаузата им ја брише насмевката, се чувствуваат старо, непотребно, истрошено, се затвораат во себе, а тагата полека им станува сојузник на патот во еден правец.

Кој не сака подолго да остане млад, подолго да живее? За жал, дискриминаторскиот однос спрема староста, како дел од културата на која и' припаѓаме, ги дели луѓето и по години и по старост. Тој однос незабележливо и несвесно ги окупира и нашите размислувања. Поголемиот дел од припадниците на понежниот пол стареењето и климактериумот го доживуваат како болест.

Всушност, станува збор за нормален дел од животот, фаза, уште еден долг чекор кон новото поглавје што започнува со нередовни менструални циклуси, односно намалено излачување на хормоните естроген и прогестерон. Климактериумот (грчки „климатер“ - промена) е минлива доба кај жената кога престануваат нејзините генитални функции, што за својот почеток ја спомнуваат четвртата декада од животот. Приказната секогаш е индивидуална и секоја жена си ја доживува поинаку, но мистиката на овие години оди дотаму што кризите и депресиите се толкуваат како незадоволство поради нереализираната женственост, исфрустрираност, ненаплатени „долгови“. Многу често станува збор за жени кои имале очекувања што ја надминале реалноста - или не ја реализирале својата плодност или се разочарани во својот брак, во сите мажи на планетава, па на околината и' се наметнале како кавгаџики и персони погодни за одбегнување...

„Преминот од едниот кон другиот животен стадиум се означува како развојна криза и секоја фаза од животниот циклус треба поволно да се реши за понатамошниот развој да тече непречено. Генеративната, пак, фаза на жената почнува некаде од пубертетот, кога личноста созрева на биолошки план и кога со првата менструација се означува животниот период кога таа е плодна да ги оствари основните човекови цели: репородкуција и одржување на животот“, вели проф. д-р Георги Чадловски.

Всушност, репродуктивната фаза кај жената трае до средната возраст за полека да почне да се намалува се' додека сосема не згасне, заедно со одредени биолошки и психолошки атрибути што ги следат годините. И така настапува климактериумот, фазата кога жената престанува да биде жена која може да раѓа и да го зголемува потомството. Проф. д-р Чадловски вели дека секогаш треба да се има на ум оти климактериумот е еден физиолошки период на жената како и пубертетот и тој никогаш не значи болест.

„Менопаузата е поттикната од значајни хормонални промени во ендокринолошкиот циклус на жената, кои не се одразуваат само на генеративната способност, туку имаат одредени реперкусии и врз психолошкото и врз соматското здравје на жената“, продолжува Чадловски. „И бидејќи станува збор за природна и нормална појава, таа не треба да се третира фармаколошки се' до оној момент кога длабоките хормонални промени не се реперкуираат и на физичкото, а особено на психичкото здравје“.

Инаку, почетокот на климактериумот е строго индивидуален: се јавува помеѓу четириесеттите и педесеттите години, но неретко започнува и наближувајќи им се на шеесеттите. Чадловски вели дека хормоналните промени се должат на наглото паѓање на естрогените хормони, кои се создаваат во јајчниците. Токму затоа се чести промените во функционирањето на некои органи, а жената ги чувствува како нагли брановидни топлини, забрзано чукање на срцето, претерано потење, сувост на лигавиците (особено на вагиналните, што се одразува со одредени болки при сексуалниот однос), повремени мигренозни главоболки, психички и телесен замор, паѓање на концентрацијата, несоница, зголемена чувствителност, нервоза и сл.

„На психички план жената е соочена со фактот дека веќе не е способна да раѓа, дека веќе не е жена во генеративна смисла на зборот и дека е помалку вредна на сите полиња од периодот кога менструалните циклуси и' биле редовни. И она што најчесто ја плаши е фактот дека со климактериумот се ближи нејзината старост и дека нејзиниот партнер ќе си најде некоја друга. Божем, мажите бараат само плодни жени“.

Чадловски неколку пати нагласи дека климактериумот е физиолошки период на животот, а не болест. Оваа фаза е неминовна за секоја жена со здрави јајчници и тоа е нормална работа во животот, па затоа и тој период треба да се сфати како таков. Единствено така жената ќе биде добро психолошки подготвена за сите психолошки и телесни промени што настануваат и што се предизвикани со наглиот пад на естрогените хормони. И во климактериумот и по него, жената се' уште ќе биде жена со сите нејзини позитивни атрибути, либидото ќе и' се намали, но набргу организмот ќе се навикне на новата хормонална рамнотежа и тоа ќе биде доволно силно за долг и здрав сексуален живот, ослободен од размислувањата за контрацепција и планирање на семејството.

„Веќе реков дека тоа е физиолошки период на жената, предизвикан од наглиот пад на естрогените хормони и во брзото навикнување на организмот на такво намалено ниво, жената обично и нема потреба од медицинска помош. Ако наглото паѓање, пак, предизвикало малку повеќе и малку посилни и психолошки и соматски тегоби, секако, потребна е консултација од матичен гинеколог и психијатар“.

Патем, психијатрите предупредуваат дека во климактериумот се почести одредени психопатолошки растројства, како што се анксиозно-депресивни состојби, кои навистина бараат соодветна стручна помош. Така е со понежниот пол, додека посилниот својот дел од приказната го базира единствено во стравот од староста.

„Би сакал да завршам со мажите. И кај нив, со напредување на возраста постепено се случуваат одредени хормонални промени, но не станува збор за климактериум, бидејќи тој израз е врзан само за генеративниот период на жената. Навистина често и во лаичкиот, па и во медицинскиот јазик некои зборуваат за климактерични психолошки и телесни симптоми, но тие освен хормоналната поврзаност, почесто се поврзани со одредени психолошки притисоци што ги носат годините: стареењето напредува, се ближи крај на животот, па ајде да ја живееме својата втора младост и да се втурнеме во некои еротски авантури што не одговараат на возраста и сето она што таа го носи и на психолошки и на биолошки план. Наводно, покаченото либидо е само индивидуална психолошка компензација на намалената потенција. Оттаму се и честите коментари: пушти го, нека се изглупира малку, ова му е нешто како - лебедова песна“, завршува д-р Чадловски.




Виолета Томовска

Климаксот беше забрзан поради хемотерапијата


„Кај мене состојбата беше специфична - на 38 години се оперирав од карцином на градата, па циклусот не престана природно, туку присилно. Имено, по операцијата, одев на хемотерапија со што ми престанаа менструациите за што и бев предупредена од докторот. Имав 40 и неколку години и мојот климактериум се манифестираше со таканаречените топлотни бранови. Инаку, овој период си е навистина индивидуална работа - имав пријателка која немаше никакви здравствени тегоби, ниту, пак, операции, ама постојано се жалеше на болки во коските, беше пречувствителна и често запаѓаше во депресии. Јас бев позитивна, се научив да ја насочувам психата кон поведрите работи, кон животот“.

Блага Петреска

Се' ми помина во од


„Тој минлив период кај жената, чувствителните годините на промени, јас ги минав во од. Ја раситнив 50-ката и се сеќавам дека тогаш мојата кариера доживуваше кулминација - одев на турнеи, на фестивали, добивав награди, немав време за тага, напротив, бев полна со позитивна енергија, трчав, летав, се дружев со луѓето, бев иста каква што сум си секогаш. Единствено ги паметам брановите на топлина, ама бидејќи многу настапував, и потењето се случуваше штом ќе го земев микрофонот, си велев, ова е само на почеток, додека се загреам....“

Цветанка Ласкова

Се' е во главата


„Нели, се зборува дека и климактериумот е генетска работа, како било кај мајката, така е и кај ќерката, а нашата женска семејна приказна ја повторува 50-тата година. Да, имав толку години и од мојата менопауза најзабележливи беа потењата, доаѓаа и си одеа во бранови. На друго не се сеќавам, зашто во тој период бев преокупирана со здравјето на Мишо. Значи, ако имаш друго гајле, нема ниту да забележиш дека кај тебе се случуваат промени, ниту, пак, ќе им посветиш внимание. Се' е во главата - ако си немате друга преокупација, и нормалните промени ќе ви се сторат многу тешки и напорни...“


#
Статијата е прочитана 2451 пати.

Испрати коментар

Од: drndrndrnvotrn
Датум: 08.07.2011 08:56:45
Dosta veke so zenskiot klimaks. Ova e poznato ushte od koga e svetot i vekot. Dosta so stigmizacija na zenite. Klimaks ili ne zenite se dokazano pojak pol vo se: radjaat, uchat, gledaat deca, trpat mazi (chest na iskluchoci); sega se i na funkcii, gi nosat vaznite zivotni odluki, se raspravaat so majstori, vozat koli i ziveat podolgo od mazite. A, shto so mashiot klimaks??? Pishuvajte za nego, koga mazite vo 40te si gi ostavaat decata i zenite i zemaat 30 godini pomladi (od bes). Dali toa e sharm ili moze da projde. Zenata e stolbot na kukjata.

Најди! во Утрински
Насловна
Заминува дамата во розово
Совети за најблиските туристички дестинации
„Мис на Македонија 2011“ за „Мис глоуб“
Скопје го одврза кесето за Вардар
Никола Попоски нов шеф на дипломатијата?
Волшебни комбинации без сечкање и без запршки
Црна треска од кучиња-скитници
И „тигарот“ Спасов нуди сведоци во истрагата за убиството
Една година пауза од глумата
Психолошки тестови
Хилари Клинтон доаѓа во Атина
Аце, бејби
Се врати кај Џесика Бил
Мајката на Нешковски ќе бара отштета за смртта на нејзиниот син
„Пеколна“ хемија
Викендов топол бран со температури над 35 степени
Во вторник ќе се гласаат потпретседателите на Собранието
„Панкот…“ меѓу првите пет според гласовите на публиката
Истанбул кандидат за домаќин на ЛОИ 2020
Турски магнат купува грчки острови
Повредени момчиња во училишен двор во Велес
Вработените „шокирани“ од затворањето на таблоидот
Онлајн вести

"""