Се удавил со надеж да му го спасат братот
Џордан Рајс и неговата мајка Дона во понеделникот беа однесени од поплавата во Австралија
Тринаесетгодишната жртва на ужасните поплави што го зафатија австралискиот град Тувумба во почетокот од оваа недела го загуби животот откако побара од спасувачот прво да го спаси неговиот помал брат. Џордан Рајс и неговата мајка Дона, во понеделникот попладне, го загубија животот откако беа однесени од надојдените води што се издигнаа околу нивниот автомобил. Најмалку десет лица го загубија животот во, како што опиша полицијата на Квисленд, „инстант цунамито во внатрешноста“. За уште 18 лица се стравува дека се починати.
Деталите околу жртвата на тинејџерот се појавија денес, откако неговиот татко проговори за локалниот весник. Џон Тајсон за „Тувумба хроникл“ изјави дека госпоѓа Рајс и нејзините синови Џордан и Блејк се враќале од купување училишна униформа. Во понеделникот, околу 14 часот, додека се движеле низ централната бизнис-област на градот, надојдените води го опколиле нивниот автомобил. Откако се изгаснал моторот, Рајс (43) успеала да добие врска со службите за вонредни состојби од каде што и�� било кажано да останат на местото. Меѓутоа, бидејќи се зголемувало нивото на водата, тројцата се качиле на покривот од автомобилот.
„Тројцата само стоеле и чекале. Еден постар човек зел едно јаже, го врзал околу појасот и скокнал во водите“, рече Тајсон. „Џордан не знаеше да плива и се плашеше од вода. Меѓутоа, кога мажот дошол да го спаси, тој рекол: ’Прво, спасете го брат ми’“. Спасувачот успеал да го спаси десетгодишниот Блејк, но јажето се скинало кога се обидел да ги врзе Рајс и Џордан, па мајката и синот биле повлечени од водите. Некое време се држеле за дрво, а потоа и двајцата биле однесени од надојдените води.
Тајсон почна да плаче додека зборуваше за храброста што неговиот син ја покажал во последните мигови од животот. „Може само да замислам низ што минувал за да се откаже од животот и да го спаси брата си, иако тој беше престрашен од водата“, изјави тој за „Кроникл“. „Тој е нашиот мал херој“. Таткото ги опиша својата партнерка и Џордан како „неопеани херои на мојот живот“, додавајќи: „таа беше моја сродна душа“. Тајсон, исто така, му се заблагодари на човекот што го ризикуваше сопствениот живот за да му помогне на неговото семејство, и го спаси Блејк.
Тајсон рече дека сака „од се' срце“ да им се заблагодари на двајцата мажи што со големи напори се обидувале да ги спасат Џордан, Блејк и нивната мајка. Бришејќи ги солзите, тој рече: „Кога спасувачот дошол до автомобилот Џордан му кажал: ’Прво, спасете го брат ми’“.
Госпоѓа Рајс во понеделникот, заедно со Џордан и Блејк, минувала низ Тувумба кога нивниот „мерцедес“ запрел поради надојдените води. Додека таа се обидувала повторно да го вклучи возилото водата брзо се кревала. Очајна им се јавила на службите за вонредни состојби од каде што им кажале да останат на местото. Но, водата продолжила да се крева, па таа и момчињата се качиле на покривот од автомобилот. Тогаш случајниот минувач Ворен Мекерлин и уште еден човек почнале да ги спасуваат, врзувајќи јажиња околу нив. Меѓутоа, како што се зголемувало нивото на водата проблеми имале и спасувачите, а Џордан им кажал прво да го спасат неговиот брат.
Тајсон вчера сакаше да им се заблагодари на луѓето што успеаја да го спасат Блејк, особено на господинот Мекерлин. Тој кажа дека Мекерлин му се јавил дома додека бил излезен и му било жал што не се слушнале. „Очигледно, тој навистина беше погоден од тоа што не можеше да ги спаси и Џордан и Дона“, рече Тајсон. Мекерлин плачеше додека се потсетуваше како Блејк, откако му беше дадена шанса за живот од страна на неговиот постар брат, потоа ги замолил спасувачите да ја спасат мајка му. „Тој ме молеше ’ве молам, спасете ја мама’“, вели Мекерлин.
Хероизмот на Џордан допре до срцата на голем број луѓе низ светот. Во пораките што се оставаат на веб-страниците тој се опишува како „вистински херој за кој нема зборови“ и „божји ангел“. „Џордан, вистински мал херој“, напиша една жена. „Колку храбро и прекрасно момче!“ Во друга порака пишуваше: „Сигурен сум дека за оваа сторија ќе се зборува и во наредните години. Каква храброст. Посакувам да го познавав“.
(Гардијан/Меил онлајн) |