Поглед
Скап живот
Александрија Стевковска
Ако мислите дека денес е се' скапо, едвај се живее и дека не може да биде полошо, сте се излажале. Веќе утре денот ќе ви го расипат новите цени што ќе ве поздрават од рафтовите, со оглед на тоа дека нема ден да не не' изненади со некои нови, се разбира, повисоки цени на храната. За обувки и за облека не станува збор, бидејќи никој и не забележува дали тие поскапуваат, од едноставна причина што за таков луксуз ретко некогаш остануваат пари. Секојдневниот скок на цените измисли нова атлетска дисциплина за трговците, брзо и често лепење нови цени.
Деновите станаа вистински кошмар. Луѓето секој ден се пребројуваат што и колку да купат за да го истуркаат денот, неделата, месецот. Пари има се' помалку, а цените се се' повисоки. Во мртвата трка на приходите со растот на цените, досега барем можеше да се купи леб и млеко, но сега и тие пустите станаа изгор скапи, па веројатно оние со пониски примања ќе мора да јадат помалку леб, а да пијат и помалку млеко.
И да остане ваква ситуација можеби ќе можеше и да се поднесе, бидејќи сите ние некако се помируваме и со повисоките и цени и со понискиот стандард, но лошото е што се најавуваат нови поскапувања, нови ценовни стресови. Можеби покапувањата се оправдани, бидејќи растат светските цени, бидејќи има поплави, бидејќи има милион причини за раст на цените, но можеби и не се оправдани, бидејќи стандардот назадува и бидејќи нивниот товар станува претежок за луѓето со просечни или потпросечни примања, кои тонат во беспарица.
Зошто никој не се наоѓа одговорен да го следи евентуалното договарање на цените? Доколку има мопополистичко здружување, државата е должна да го санкционира, и тоа веднаш, а не да остави времето да го „изеде“ целиот случај. |