Македонски Состоjби
Бумерангот лета кон власта
Манчо Митевски
И покрај стотиците милиони евра за субвенции во земјоделството, Македонија станува голем зависник од увозна храна
За Никола Груевски од поодамна се слушаат спинувани „народни приказни“ дека бил наша верзија на Робин Худ, бидејќи, демек, земал од богатите и им давал на сиромашните. Неодамна, пак, прочитав дека тој не само што бил лидер на ВМРО-ДПМНЕ туку бил и национален водач на Македонците од рангот на Патрис Лумумба, Салвадор Аљенде, У Тант и Че Гевара! Освојувањето не само на рејтинг-височините, туку и на небесните височини со станување дел од новокомпонираните македонски митови и приказни се должи, според глорификаторите на власта, на „праведните политики и на реформите“, кои „во секој поглед и секој ден се' повеќе и повеќе“ ја унапредуваат државата и им носат благосостојба на граѓаните и на нацијата! И не само тоа, туку го јакнат сегашното, а ретроактивно, и историското достоинство на македонскиот народ!
Сепак, дали е токму така? Имено, и на малите деца им стана јасно дека оваа популистичка власт веќе п��тта година (прво) се' уште зборува во идно време, значи зборува што ќе работи, што значи и самата сфаќа дека малку или ништо не сработила и (второ) едно зборува, а друго прави. Сите веќе сфатија дека власта на ВМРО-ДПМНЕ ништо не работи само за општо добро и ништо не прави неселективно. Поради овие расчекори меѓу декларациите и делата, јавноста повеќе не е во дилема околу прашањето - дали мотивот на власта е подобриот живот на граѓаните и иднината на државата или задржувањето на власта и личниот и партискиот профит. Како илустрација, ќе ми послужат три проекти на Владата, кои изобилуваат со лесно и без отчет трошење огромни износи буџетски пари, тешко спечалени од граѓаните. Ефектите од нив речиси не се забележливи за мнозинството граѓани, но власта се' уште мисли дека ќе и' се вратат со камата од гласачките кутии на изборите. Тука мислам на субвенциите за земјоделците, на кич-проектот „Скопје 2014“ и на Законот за легализација на дивоградбите како најголеми изборни инвестиции на власта (заедно со заокружувањето на процесот на целосна партизација на државната администрација, како контролирана гласачка машина).
Актуелната Влада уште во почетокот на мандатот се декларираше како земјоделска, бидејќи во земјоделците препозна голема социјална категорија што може со малку пари да донесе многу гласови и веќе утредента по победата во 2006, почна континуирана изборна кампања и во оваа и во сите други општествени сфери. Субвенциите за земјоделците почнаа да се делат пообемно пред две-три години, прво педесетина милиони евра, потоа седумдесет, а сега се планираат стотина. Во сите земји субвенции се даваат за да го насочат и да го балансираат земјоделството, со цел да се избегне стихијното производство, да се супституира увозот, да се намалат цените на храната. Кај нас, и покрај огромните износи пари поделени како субвенции, ефектите се спротивни од очекуваните и има неизбалансирано производство. Ако добро се платени раноградинарските производи, в година сите се преориентираат на нив и ќе има хиперпродукција. Така беше лани со тутунот, па годинава од револтот на тутунарите се чади цела земја. Слично беше со грозјето, јаболката, млекото... Според податоците, во последниве години паралелно со зголемувањето на парите за субвенции, се зголемува и увозот на храна! Сме увезле храна за 760 милиони евра, а сме извезле за 550 милиони евра, значи земјава станува зависник од увозна храна. Да биде апсурдот поголем, 200.000 хектари обработливи површини не се обработуваат. Како капак, цените на храната кај нас постојано растат.
Кон ова треба да се додаде дека субвенциите, главно, се даваат за земја, а не за производство, често се даваат селективно, најмногу пари одат кај мал број големопоседници блиски на власта, не се исплаќаат навреме, се даваат и во социјална, а не во продуктивна функција. Наместо власта да ги научи луѓето „ да ловат риба и сами да се прехрануваат“, таа им „лови риба“ (кеш пари) и ги прави зависници од неа, со идеја да се сетат на тоа кога ќе се најдат пред гласачките кутии. Значи, субвенциите од економско-развоен инструмент се претворија претежно во политичко-популистичка мерка. Тоа може да има бумеранг-ефект врз власта, која досега ќаруваше симпатии со субвенциите кај една голема групација граѓани. Но, веќе работите се менуваат. Колку што има задоволни земјоделци, исто толку има и незадоволни. А само е прашање на време кога ќе избие незадоволството и кај граѓаните-потрошувачи, кои преку даноци ги печалат парите за субвенции, а гледаат дека од тоа нема поголем ефект, бидејќи купуваат се' поскапи земјоделски производи и увозна храна.
Проектот „Скопје 2014“ се' повеќе го навлекува гневот на јавноста, иако власта се труди да го прикаже како развојна инвестиција и како вложување во подигање на духот и на достоинството на нацијата. Меѓутоа, поради нетранспарентноста на постапките околу обликувањето на содржините на проектот, поради матните тендери, поради постојаното зголемување на бројот на спомениците, а најмногу поради огромните износи пари што се трошат на него без отчетност (власта зборува за 80 милиони евра, опозицијата пресмета досега „вградени“ 350 милиони), јавноста, која во почетокот беше воздржана, сега е отворено против „Скопје 2014“ - процентуално две третини од анкетираните. За власта, „Скопје 2014“ наместо добитна комбинација, станува жежок костен, бидејќи кај обичниот човек се' повеќе преовладува перцепцијата дека се одзема од многу поважни работи - здравството, образованието, социјалата, енергетиката за да се градат непродуктивни административни згради, споменици, музеи, фонтани од кои не се подобрува животот. „Скопје 2014“ веќе стана дел од изборниот бумеранг на вледајачката гарнитура.
Владата на Груевски со Законот легализација на дивоградбите за 1 евро покажа дека за овој проект нема осмислен концепт и образложение, а тој е неостварлив. Се чини дека Владата се пресмета и во политичките калкулации. Точно, ќе се кари некој глас од оние што за шест месеци ќе ги изодат административните лавиринти, а тоа ќе бидат партиските генерали и извесен број партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Но, точно е дека проектот има проблем и со износот на парите, и со уставните норми, и со големиот број граѓани што нема да стигнат да ги легализираат, особено со граѓаните што ќе бидат дискриминирани, бидејќи не се опфатени во законот (оние во згради над 10,5 метри, претежно градска популација), а најмногу оние што плаќале скапи комуналии и други давачки, а сега гледаат дека се изиграни затоа што постапувале законски.
Граѓаните ги сфатија приказните и малку или воопшто не веруваат во она што им зборува и ветува власта. Што се однесува до нашите Робинхудовци, точно е дека земаат од некои богати, но земаат и од многу сиромашни, а даваат на некои свои сиромашни кои за овие пет години веќе станаа богати! Што се однесува, пак, до нашиот Лумумба, Аљенде, У Тант и Че Гевера, треба да протече уште многу вода низ Вардар, да се присобере барем некој доказ, а сето тоа да го потврди народот. Но, народот товарен од својата мака и сиромаштија, се' помалку гледа нагоре, па не може да го забележи водачот во облаците! |