07.09.2012, 22:29 (ФОТО) Македонија несреќно поразена на „Максимир“
Репрезентацијата загуби во премиерниот меч во квалификациите за СП 2014 од Хрватска со 1:0 со голот на Никица Јелавиќ
Од нашиот известувач Сашко Ѓ. Димовски
ФОТО: Петр Стојановски
ЗАГРЕБ - Македонската фудбалска репрезентација не успеа да сочува мирна мрежа во третото гостување на „Максимир". Вечерва загуби од Хрватска со 1:0 во воведниот меч во квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година. Подогокот вреден три бода за „коцкестите" го постигна Никица Јелавиќ во 69 минута.
Македонија одново се претстави во светло издание и одново остана со п��азни раце. Во првото полувреме имаше две супер можности за реализација. Шиков во 32 минута шутираше со глава по корнерот на Тричковски, а топката од гол линија ја "исчисти" хрватскиот капитен Дарио Срна. Девет минути подоцна Пандев упати проектил од 20 метри, а гредата беше сојузник на домашната репрезентација. Воведните 45 минути ги одбележа и спорна ситуација во хрватскиот казнен простор, но контактот меѓу Пандев и Плетикоса не беше за најстрога казна за главниот судија Алон Јефет од Израел.
Хрватите почнаа да паѓаат во второто полувреме, ја губеа поддршката и од трибините и, сепак, останаа трпеливи и со мирна глава што им донесе резултат. Модриќ уфрли топка во нашиот шеснаесетник, Манџукиќ со глава го проигра Јелавиќ кој исто така со глава го совлада вечерва одличниот Богатинов.
„Три моменти беа решавачки при голот. Немаше блок на 16 метри, немаше реакција и на противникот дозволивме ситуација два на еден. Но, не можам ништо да им забележам на моите играчи. Заслуживме бод. Жалам. Најтешко ми беше кога ги видов изразите на нивните лица во соблекувалната по натпреварот", изјави селекторот Чедомир Јаневски прес-конференцијата по мечот.
Репрезентацијата утре попладне го напушта Загреб и ќе се упати кон Глазгов каде во вторник ќе го одигра вториот меч во квалификациите против Шкотска. Селекторот Јаневски на Островот ќе замине во утринските часови со цел во живо да го проследи дуелот меѓу нашиот нареден ривал и Србија.
Хрватска - Македонија 1:0
Полувреме: 0:0. Стадион: "Максимир". Гледачи: 15.000. Главен судија: Алон Јефет. Помошници: Амихај Јехошуа Мозес и Абед ал Рамили (сите тројца од Израел). Стрелци: Јелавиќ во 69 минута. Ж. Картони: Шимуниќ, Вукоевиќ, Крањчар, Јелавиќ (Хрватска), Геоегиевски, Демири (Македонија).
Хрватска: Плетикоса, Стриниќ, Шимуниќ, Ќорлука (Вида 81 мин.), Ракитиќ (Крањчар 46 мин.), Вукоевиќ, Модриќ, Арна, Манџукиќ, Перишиќ, Едуардо. Селектор: Игор Штимац.
Македонија: Богатинов, Георгиевски, Шиков, Новески, Попов, Демири, Глигоров (Тасевски 82 мин.), Ибраими, Тричковски (Георгиев 73 мин.), Пандев, Ристиќ (Ивановски 80 мин.)). Селектор: Чедомир Јаневски.
У-21: Надежен триумф во Белфаст
Младата фудбалска репрезентација славеше над Северна Ирска со 3:1 и остана во игра за местата што водат кон ЕП 2013, во последниот меч поребна е победа против Србија, но и кикс на Данска против С. Ирска
Младата фудбалска репрезентација на Македонија ја совлада Северна Ирска во гости со 3:1 во квалификациите за ЕП 2013 во Израел. Творци на триумфот во Белфаст беа Спировски во 48 минута, Тимов во 72 минута и Станков во 90 минута, единствениот за домашната селекција беше дело на Меџенис во 10 минута.
Надежите и натаму се во игра за едно од местата што водат кон ЕП 2013 (првото директно, второто во бараж), но, сепак, не зависи се од нив. Во последниот меч на 10 септември ќе гостуваат во Крушевац кај Србија и ќе се обидат да освојуват нови три бода, а притоа ќе се надеваат и Северна Ирска да остане непоразена на гостувањето во Данска. (С.Д.)
|