Едни заминаа од политика, други стигнаа до врвот
Дел од првите парламентарци веќе не се во политиката, некои, пак, сиве овие години се неизоставен дел од политичкиот живот
Оливера Војновска
Кои се луѓето што пред 20 години - на 8 јануари 1991 година, ја одржаа првата конститутивна седница на македонскиот парламент? Некои од првите парламентарци по завршувањето на мандатот веќе не се занимаваат со политика. Но, некои од нив сиве овие години се постојано присутни во политичкиот живот на државата.
Меѓу оние што два месеца по првите повеќепартиски избори - во ноември 1990 година за првпат седнаа во парламентарните клупи се: поранешниот претседател на државата и премиер во три мандати, Бранко Црвенковски, експремиерот Љупчо Георгиевски, гувернерот на НБМ, Петар Гошев, како и повеќемина амбасадори, директори и лидери на помали партии.
Некои од тогашните пратеници, како што е Митко Анастасовски-Врапчето, кого го паметиме по духовитете настапи и неговата позната реплика: „Вечерва ќе ја венчаме невестата (Македонија)“, од времето на референдумот за независноста, веќе не се меѓу живите.
Неодамна првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, им порача на своите некогашни колеги: „Вие сте историски личности“, нагласувајќи притоа дека во турбулентните времиња „одиграле маестрално без тешки последици за државата“. Андов заедно со Тито Петковски и со Љубисав Иванов учествува во сите досегашни парламентарни состави. Во пратеничките клупи на ВМРО-ДПМНЕ седеа директорката на Македонскиот културен центар во Софија, Доста Димовска, директорот на МИА, Љупчо Јакимовски, ексдиректор на ЕСМ, Ламбе Арнаудов, доскорешниот директор на спортската сала „Борис Трајковски“, Борис Змејковски, адвокатот Томислав Стојановски, потоа Драги Арсов, Ратка Димитрова, Јордан Бошков, Стоиле Стојков, Ѓорѓи Котевски, Александар Флоровски, Томислав Стефковски, Михаил Пановски...
Во редовите на социјалдемократите (СКМ-ПДП) беа амбасадорот во Софија Благој Ханџиски, довчерашниот директор на Агенцијата за државни службеници Александар Гештаковски, генералниот директор на „Гранит“ Страшо Милковски, потоа Алил Џаферовски - еден од сопствениците на авиокомпанијата „Скај вингс“, Наќе Стојановски, Љупчо Поповски, Туше Гошев ....
Членови на парламентот тогаш беа и лидерот на ВМРО-НП, Владимир Голубовски, некогашниот претседател на ПЦЕР, Фаик Абди, претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров (познат по големиот број амандмани што ги поднесе за Уставот). Пратеници на тогашниот Сојуз на реформски сили беа директорот на ТАВ, Зоран Крстевски, долгогодишниот градоначалник на Кавадарци, Панчо Минов, и Ѓулистана Марковска, која сега е надвор од политичките води и има ординација за очни болести.
Во тоа време ПДП ја претставуваа поранешниот амбасадор во Бугарија Абдурахман Алити, кој во една пригода им порача на сегашните пратеници: „држете го подалеку национализмот и претераниот патриотизам“. Заедно со него боите на ПДП ги бранеа амбасадорот во Белгија Мухамед Халили, професорот на Институтот за географија на Природно-математички факултет Аслан Селмани, политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, нотарите Мерсим Положани и Насер Зибери, претседателот на партијата НДУ Хисни Шаќири, потоа Сејфедин Харуни - познат по маратонските говори, Ештреф Алиу, Џеладин Мурати, Газменд Ајдерага, Шабан Превала, Зуди Емини...
Мандати во тогашното Собрание, кое честопати дебатираше до доцна во ноќта, обезбедија девет партии и тројца независни пратеници. Најмногу пратеници имаше ВМРО-ДПМНЕ - 38, СКМ-ПДП - 31, Партијата за демократски просперитет - 17, Сојузот на реформски сили 18, Социјалистичката партија на Македонија четири, Странката на Југословените два и по еден мандат Народната демократска партија и Партијата за целосна еманципација на Ромите.
Овие парламентарци имаа огромна обврска и одговорност да го сменат еднопартискиот систем во повеќепартиски. За ентузијазмот со кој првите пратеници ја ѕидаа државата, Алил Џаферовски неодамна ќе каже: „Разликата меѓу денешните и тогашните пратеници е голема. Никој не влезе од лични причини, туку да направи нешто за идните генерации“. (о.в.) |