Танцување
Линди-хоп свинг против грчката економска криза
Збогум на клубовите, во Грција оптимизмот го враќаат малите места каде што страсно се танцува во звуците на свинг-музиката
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина – Свинг-танцувањето беше начин за да се избега од реалноста за Американците во 30-тите години за време на Големата депресија, но денес се' повеќе станува и начин на живот на дел од Грците што се обидуваат на момент да заборават на сивилото од економски и од политички проблеми во кои тоне државата. Во последните две години линди-хоп, специфичен стил на свинг-танцување, не е само популарен тренд, туку и страст и начин на живот во Грција. Секоја недела линди-хоперите се облекуваат во автентичен стил од 30-тите и од 40-тите години од минатиот век, мажите со средени фризури, трегери, соодветни панталони, кошули и капи, жените со во фустани во весели ноти, триесетина фризури и силни црвени кармини и танцуваат до бесвест на бројните забави линди-хоп низ градот. На забавите владее толку несекојдневно весела, позитивна атмосфера и танцувачко лудило на кое не можат да му одолеат ни оние што најмногу се спротивставуваат на танцување.
Џозефина и Бен се основачи на една од првите линди-хоп танцувачки групи во Атина „Атхенс сњинг цатс”. Како што ни вели Џозефина, почнале во 2008 година едноставно од потребата да танцуваат во Атина. „И јас и Бен со години живеевме во Шкотска. Поради нашата професионална определба со музиката таму научивме различни стилови на танцување, особено свинг-танци, меѓу кои и линди-хоп. Пред три години кога бевме во Атина имаше одреден концерт и ние се облековме соодветно, бевме целосно возбудени затоа што одиме на нешто на што може да танцуваме и кога стигнавме на концертот се шокиравме. Во местото имаше околу стотина луѓе што само стоеја со пијалаците и климаа со главите на музиката. Никој не танцуваше. Тоа беше пресуден момент за нас и одлучивме дека сакаме нешто да направиме и да ги натераме луѓето да почнат да танцуваат“, објаснува Џозефина. Почнале прво со осуммина кои биле заинтересирани за свинг-танцување, потоа бројот се зголемил на 15, а сега да имаат околу 400 студенти.
Џозефина е музиколог, студирала и докторирала во Единбург. Започнала со танц уште од пет години, а досега има пробано неколку различни стилови на танцување од класичен до џез-балет. Нејзиниот партнер во групата, Бен, покрај посветеноста на џез и свинг-танцување има значително искуство и со брејк-денсинг и кунг фу. За линди-хоп како стил на свинг-танцување знаеле уште одамна, дури и од детските денови. Двајцата имале посебен интерес за свинг-танцувањето што по „Јас сосема случајно еден ден во Единбург на улица наидов на група која танцуваше линди-хоп. Имаа толку позитивна енергија што ме привлече, така што уште следниот момент се зачленив во линди-хоп друштвото на факултетот. Започнав со часови, исто како и Бен, и како што поминуваше времето напредував, и од студенти дојдовме до момент и ние да предаваме линди-хоп“, објаснува Џозефина.
Линди-хоп како стил се развива во 30-тите години, а своите корени ги влече од стилови како Чарлстон, Фокс-трот, џез и африкански танци. Линди-хоп станува популарен како стил во клубот „Савој“ во Харлем, каде што од 20 до 50 слободно заедно танцувале и „белите и црните“. Во клубот „Савој“ имало дел што бил наречен „Кетс корнер“ каде што танцувале познатите линди-хоп танчари. Самиот танц има неколку правци – савој правецот кој е побрз, пожив со повеќе акробации и холивуд стилот што е малку посмирен и побавен. Најпознатиот линди хопер е легендарниот Френки Менинг. Самиот стил е мешавина на поголем број вида танци што се' повеќе се забрзувале за да дојде до денешниот линди-хоп што едноставно дејствува лудо, забавно и брзо и за танцување и за посматрање од страна.
„Кога ќе спомнеме линди-хоп, свинг-танцување веднаш се поврзуваме со економскиот крах, со големата депресија, Втората светска војна. Многу се битни тие историски елементи за развојот на линди-хоп како стил на танцување. Ако се појавел во 70- тите можеби и ќе минел незабележано. Меѓутоа, линди-хоп е роден од експлозијата на луѓето против целиот политички и економски притисок од тој период. Логично е ако има толку потиснување да дојде до револуција, експлозија. И музиката и танцот имаат револуционерен, момент на ослободување во себе“, ни раскажуваат Џозефина и Бен. Велат дека и сегашната ситуација во Грција е значаен елемент за моментната голема популарност на линди-хоп танцувањето. Народот е изморен од се што се случува на поле на политиката и економијата, изморен од она постојано излегување на исти места и седење само со пијачката пред себе без дури и да има некаков разговор. „Израснавме со излегување во дискотеки, во големи друштва. И одеднаш сето тоа некаде исчезна. Се повеќе се создаваат јазови меѓу луѓето, се поголемо е отуѓувањето. Тука некако помогна линди хоп за повторно да се создадат помали и поголеми друштва. Луѓето доаѓаат сами на часот и по две средби веќе се дел од големото семејство и големата група. “, вели Џозефина. Во групата имаат луѓе од секаква возраст, од тинејџери кои се сеуште во средно училиште до 65-годишни луѓе и сите заедно си даваат поддршка и за танцување, но и за се' останато што и�� се случува во животот. Старосна граница за танцување нема. Она што многу често го слушаат Џозефина и Бен е дека тие и линди-хоп музиката им го смениле начинот на живот на луѓето кои се во нивната група. „Меѓутоа, не мислам дека ние професорите го сменивме тоа, туку самата група, онаа енергија и поддршка која се создава ги менува луѓето. Не има променето и нас. Ние сосема случајно од забава почнавме со линди-хоп, потоа премина во хоби и еве сега е целиот наш живот“, со насмевка вели Џозефина, објаснувајќи дека размислува да ја напушти академската кариера во Единбург за целосно да се посвети на студиото за танц во Атина.
Дополнителен елемент на целата весела, танцувачка атмосфера е дека сите танчери се облечени во соодветниот стил од 30-тите години. Џозефина вели дека ја фасцинира тоа што машките многу повеќе од девојките обрнуваат внимание на начинот на облекување. „Како да им недостигало тоа елегантно облекување. Тогаш во Америка се живеело многу скудно, но секогаш на забавите биле беспрекорно облечени. Ние сега живееме многу покомотно, но некогаш забораваме дека потребно е да внимаваме на себе и она што го носиме“, додава таа. Поради заинтересираноста на нивните студенти почнале да вадат модели на фустани, здолништа, панталони и сакоа од различни филмови каде се танцува линди хоп и да дизајнираат соодветни модели за себе и за учениците. За полесно да се купат овие модели студиото организира и отворени денови и пазари за линди хоп облека, а моделите од нивната модна линија „Свинг Кет“ може да се најдат и на Интернет. Џозефин потенцира дека се изненадиле кога почнале да им стигнуваат нарачки преку интернет не само од Грција туку и од Британија и САД за нивната облека. Вели од сосема мала шега и обид да ги натера девојките од студиото да носат соодветни фустани сега развиваат цела модна линија.
Линди-хоп заедницата во светот постојано расте, а со тоа се зголемува и бројот на соработки меѓу групите на меѓународно ниво. Од повторното оживување на линди-хоп - стилот во 80-тите, па се' до денес постојано се формираат линди-хоп групи кои соработуваат и се солидаризираат на меѓународно ниво. Активни се групите во Британија, Шведска, Америка, Италија, и како што велат се повеќе и во Грција. Каде и да одат доколку се декларираат како линди хоп танцувачи веднаш наоѓаат на некоја линди хоп група во тоа место и полесно наоѓаат пријатели. Она што е типично за линди хоп групите се размените, така што една група од Атина, на пример, повикува групи од Балканот, од САД, Британија и три дена има нон-стоп настани, концерти, цел фестивал за линди-хоп.
„Овој начин на танцување не припаѓа само на 30-тите, туку и на нашите сегашни модерни услови. Отворени сме и за новата свинг музика, иако уживаме во оној романтичен звук на крцкање на старите плочи. Оваа музика е за сите и за сега“, вели Бен.
Од самиот разговор се наметнува онаа идеја дека секој би сакал да биде мачка, бидејќи во 30-тите мачки во Америка се нарекувале оние популарни, талентирани лица што биле сечии идоли. Се чини мачките се инволвирани во секој аспект на ова студио, и во нивното име за кое ги инспирирала нивната мачка, и преку делот во клубот Савој чиј стил го применуваат денес Џозефина и Бен, но и преку шарениот мачорот Тито кој живее во зградата каде се наоѓа нивното студио. „Тито, колку важно име носи овој мачор, на поранешниот претседател на Југославија“, вели Џозефина на кое почнува да ме фаќа смеа. „Тебе ти е забавно, но не можеш да замислиш колку луѓе остануваат збунети кога ќе го слушнат истиов коментар. Жално е што многу луѓе тука не знаат кој е Тито, ниту пак знаат многу од историјата на нашите соседи“, додава таа. Вели дека се отворени за соработка и размена со танцувачки групи во Македонија и многу би сакале да ги видат на размената и тридневниот линди-хоп фестивал кој ќе го организираат наскоро во Атина. „Знам дека има одлични музичари кај вас, одлични џез музичари, фантастичен џез фестивал но не знам колку е развиена свинг танцувачката сцена.
Отворени сме за соработка, отворени сме за да помогнеме со часови и обука, размена, или пак да го посетиме Скопје и да настапиме на некој фестивал“, истакнува Џозефина. Од македонските бендови ги посочува „Анастасија“ како бенд со чија музика е фасцинирана уште од 90-тите кога имала можност да ги гледа во живо. „Сигурни сме дека некој во Скопје знае како се танцува линди хоп и само го чека соодветниот момент за да го започне големиот тренд на свинг танцување. Верувам дека и кај вас како и тука сега е моментот за музичк�� и културна револуција“, додаваат Џозефина и Бен. |