Акциите се ризик, но носат профит
На домашен терен аналитичарите очекуваат да растат и цените на банкарските акции
Соња Маџовска
Ако лани златото сјаеше, годинава ќе блеснат храната и енергенсите, особено нафтата, чија цена се очекува вртоглаво да расте. Ова го навестуваат светските трендови уште во првите денови од 2011 година, кои, колку и да сакаме, не можеме да ги одбегнеме. Па, така, овие светски движења неминовно се пресликуваат веднаш и кај нас.
На домашен терен аналитичарите очекуваат да растат и цените на акциите на банките, на фармацевтските и градежните компании. Тие прогнозираат дека годинава повторно во игра ќе бидат акциите. „Сите движења се циклични. Пред две-три години на цена беа акциите, но кризата најмногу удри по нив и почнаа вртоглаво да паѓаат. Потоа нафтата и другите енергенси почнаа да растат и овој процес се' уште не запира, дури се прогнозира дека годинава таа ќе го достигне врвот. Златото лани се искачи на врвот, па годинава може да се очекува да стагнира, а цените на акциите да почнат похрабро да растат“, вели Миа Зографска од инвестицискиот фонд „Иново“.
Сепак, инвестициските советници не се премногу оптимисти и велат дека ако реално им се погледне на состојбите в очи може да се очекува ако не во првата половина од годинава, барем во втората и нас да не' зафати тој бран на закрепнување на светските берзи.
Сепак, тие советуваат годинава граѓаните малку да се олабават, да ги заборават стегите што ги држеа во изминативе години и доколку имаат пари да почнат да ги вложуваат и во поризични инструменти за да можат да остварат и добри заработки.
Ова дотолку повеќе што банкарските камати на штедните влогови почнаа да паѓаат, а се очекува овој тренд да продолжи. „Кај нас се' повеќе ќе се намалуваат каматите, а од друга страна се пролонгира рокот на оданочување на каматите на депозитите. Но, сметам дека граѓаните треба да размислуваат и за други алтернативни инвестирања, освен за штедење во банка. Најдобро е граѓаните да го дисперзираат ризикот, и со дел од парите сами да играат на Берза, дел да вложат во удели во инвестициските фондови, а дел да остават во банките како депозит. На Македонска берза и оваа година најдоходовни се очекува да бидат компаниите, кои го сочинуваат главниот берзански индекс МБИ 10, кои покажаа солидни резултати и во последните два квартала од минатата година. Можеби не во првата половина од годинава, но во втората неминовно е и нас да не' зафати закрепнувањето на светските берзи“, смета Зографска.
Дека енергетските компании годинава ќе доминираат се согласува и Горан Марковски од КБ „Публикум“. „Инвестирањето во секторите поврзани со производство на материјали и енергија се очекува да биде една од попрофитабилните инвестиции годинава, поради постојаната побарувачка за овие добра и можноста компаниите од овие дејности да генерираат дополнителни профити, што ќе ја зголеми нивната атрактивност како можни инвестиции“, вели Марковски.
Тој анализира кои сектори ќе бидат најпривлечни за инвестирање. „Тука, пред се', би ги навел компаниите од информатичката технологија, со оглед на почнатиот нов економски циклус што претпоставува и нова опрема и соодветен софтвер. Компаниите од финансискиот сектор, поради значајната потценетост во однос на сите други дејности, поради акумулираните загуби од ризични пласмани во периодот на финансиската криза и можноста за наплата на дел од нив во претстојниот период, што дава можност за остварување поволни резултати од инвестирањето во акции од оваа дејност, дополнето со раст на кредитирањето и приходите што се генерираат од оваа активност кај банките“, објаснува Марковски.
Според логиката на експертите, колку што финансискиот инструмент е поризичен, толку инвеститорите очекуваат повисок принос. На најниското скалило, според ризичност, се депозитите. Тие се и најсигурни, но и помалку доходовни. Потоа доаѓаат акциите и уделите во инвестициските фондови, за кои важи мислењето дека се поризични, но можат да донесат и поголема добивка. Македонските фондови годинава се очекува да инвестираат на светските берзи во познатите фармацевтски и енергетски компании, а лани топ-акции беа рудниците за злато.
|