Јубилеј
Собранието на РМ денеска слави 20 години
10.01.2011, 10:03
Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 133.седница на која ќе биде одбележана 20-годишнината од одржувањето на Првата конститутивна седница по завршувањето на првите повеќепартиски избори во независна и суверена Република Македонија, одржана на 8 јануари 1991 година.
На седницата се поканети да присуствуваат членовите на првиот парламентарен состав и првата влада на независна Македонија. Пред дваесет години, на 8 јануари 1991 година беше одржана конститутивната седница на првото плурално Собрание на Република Македонија. Првиот македонски повеќепартиски Парламент, чиј претседател беше Стојан Андов, ја постави правната основа на самостојна Македонија, го распиша референдумот за независност, го усвои Уставот, химната, знамето и ги избра првиот претседател на државата Киро Глигоров и првата Влада предводена од Никола Кљусев.
На изборите што се одржаа во ноември 1990 година, мандати во новото повеќепартиско Собрание освоија девет партии и тројца независни пратеници. ВМРО-ДПМНЕ освои 38 мандати, СКМ-ПДП - 31, Партијата за демократски просперитет - 17, Сојузот на реформски сили 18, Социјалистичката партија на Македонија четири, Странката на Југословените два и по еден мандат Народната демократска партија и Партијата за целосна еманципација на Ромите.
Со седницата, која започна во 10 часот на 8 јануари 1991 година, претседаваше најстариот пратеник Никола Стојановски, претставник на СКМ-ПДП од Велес.
|