Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Едиторијал Мислења Писма Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп Што прават денеска
Култура
27.09.2009, 19:17

Култура

Одлично отворање на „Браќа Манаки”

Викторија Абрил ја воодушеви публиката со својот настап како и со непосредноста, убавината, талентот и енергијата

Сунчица Уневска



БИТОЛА - Отворањето на годинешниот јубилеен Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки” беше, дефинитивно, едно од најубавите во последниве десетина години. Одлично сценарио, исклучителни гости, многу добра најава и претставување на годинашните добитници на наградите, преполна сала, големо задоволство поради враќањето на фестивалот во Битола и се на се, неверојатна позитивна атмосфера, која кулминираше со настапот на шпанската актерка Викторија Абрил и со проекцијата на оскаровецот „Милионер-бездомник“, во чест на добитникот на специјалната награда, британскиот снимател Ентони Дод Мантл.

Но, пред се да кажеме дека доаѓањето на Викторија Абрил беше вистински погодок на годинешниот фестивал. Викторија Абрил донесе таква свежина, непосредност, едноставност, донесе убавина, талент и позитивна енергија, која ги воодушеви сите. Облечена во шарени и светли бои на кои доминираше црвена боја, а во косата со безброј вплетени цветови, Абрил изгледаше точно како да е излезена од некој филм. По сетот кадри од нејзините исклучителни улоги и воодушевувачки трансформации, Викторија Абрил настапи со една весела песна од нејзиниот, неодамна издаден албум „Пучерос до Бразил“, се спушти долу кај публиката и предизвика огромни овации, за време на кои играше во препознатливиот шпански стил. Потоа на Абрил и беше врачена наградата „Златна камера 300“ за нејзиниот придонес кон светскиот филм, а таа за цело време, како и за време на сликањето со другите добитници на наградите беше толку жива, пргава, откачена задевајќи ги другите со цвеќињата кои ги држеше во рака и сето тоа беше толку симпатично, забавно и неформално, што некако природно премина на сите.

Некако ненамерно се создаде еден многу интересен спој меѓу годинашните добитници, сите провокативни, секој на свој начин. Питер Сусицки, добитникот на наградата „Златна камера 300“ за животно дело, претставен низ делата на Кроненберг, низ бизарните, темни и застрашувачки места каде тие заедно умеат така сугестивно да не одведат („Гол ручек“, „Судир“, “„Егзистенс“, „Пајак“…), некако оддаваше и таков впечаток. Дистанциран, сериозен, помалку крут, отсечен и не многу срдечен, Сусицки внесува воодушевување, но и немир, оддавајќи токму впечаток на човек кој умее смело и жестоко да истражува низ физичките, но подеднакво и психички простори. Додека Ентони Дод Мантл, снимателот кој стои зад „догме“ филмовите „Догвил“, „Прослава“, „Мифуне“, зад „Антихрист“, но и „Милионер-бездомник“ донесе помалку холивудски стил. Но и лежерност, шарм, подвижност и подготвеност неуморно низ окото на камерата да ја пронајде секогаш точната слика и емоција…

Кон претставувањето на годинашните добитници, заедно со текстот и сликите од нивните филмови, одлично се вклопија и тапаните чиј звук непогрешливо го најавуваше моментот на врачување на наградата, но и моментот на онаа вистинска средба со публиката.

Сценографијата беше одлична. Сликите на Вук Митевски, инаку подготвувани за неговата претстојна изложба во ноември, со нивните бои и под светлината на сцената, некако одлично се вклопија како позадина на овој настан. Тука беше и битолскиот хор „Мирче Ацев“, каде што доминираа тоалети во бела и боја на вишна, кои покрај прекрасната изведба, некако исто така совршено се вклопија во целата оваа атмосфера. Директорката на фестивалот Лабина Митевска со задоволство ја најави целата програма и се она ново што годинава е воведено, а градоначалникот Владимир Талевски изрази големо задоволство што фестивалот се врати онаму каде што припаѓа, во Битола, и како што нагласи, само во Битола.

Фестивалот за отворен го прогласи министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, а публиката во најголем број остана повторно да го гледа филмот кој веќе сите го имаат гледано, „Милионер-бездомник“, а чија исклучителност и ведрина само ја надополни оваа одлична атмосфера.

Имаше годинава и црвен килим, имаше и гламур, но некако ништо не беше премногу, бидејќи атмосферата беше забавна, едноставна, непосредна, но и некако точно дозирана и со сценариото на Теона Митевска, и со симпатичниот настап на гостите, а особено на Викторија Абрил, и со скромното и ненаметливо однесување на Лабина Митевска иако задоволството и амбицијата беа големи. Реакцијата на сите кои беа присутни, од филмски професионалци до обичната публика, од министри до претставници на дипломатскиот кор, беше дека ваква атмосфера на отворање на фестивалот одамна немало. Сето тоа продолжи и потоа на коктелот и на подоцнежното дружење.

А и утредента, односно вчера кога во 10 часот беше закажана тркалезната маса која ја водеше директорката на Европската филмска академија, Марион Доринг, на тема за иднината на дигиталното снимање, а која беше многу добро посетена. На тркалезната маса беа директорите на фотографија Ентони Дод Мантл, Дени Елсен од Белгија и Јури Клименко од Русија. Дискусијата беше многу интересна, а снимателите се согласуваат во едно, дека дигиталната камера ни оддалеку не може да даде слика, да ја долови емоцијата и да ја фати душата како што тоа го прави 35 мм камера, но дигитализацијата е се повеќе присутна, таа е поевтина и попрактична и продуцентите се повеќе го бараат тоа. Јури Клименко рече дека дигиталната камера дава пластична слика, но заклучокот сепак беше оптимистичен, дека 35 мм камера сигурно не е историја и дека со неа снимателите, и тоа како, преферираат да работат.

Фестивалот продолжува денеска со презентација на тренинг програмата ЕАВЕ за обука на продуценти. Денеска ќе бидат претставени и два филма поддржани од програмата „Хуберт балс“ од Фестивалот во Ротердам, „Јапон“ и „Ливерпул“.

Од програмата „Нови визии“ денеска ќе може да се види британскиот филм „Дрогирани“, од главната програма „Млеко од тага“ и „Словенка“, а од документарната програма „Тајната историја на архипелагот“ и „Сликање со светлина“.

 


Статијата е прочитана 1366 пати.

Испрати коментар



Конференција за културно наследство
Поетско читање на Улијана Волф
Музика од Григ, Стравински и Прокопиев со Македонската филхармонија
Стогодишна мистерија околу монументалната слика на Пајо Јовановиќ
Манастирот „Зрзе“ - епископско седиште од 5 век



bitolcanec, 28.09.2009 02:28:24
suncica.....pred da napishes vaka detalen novinarski napis,barem rasprasaj se kako se vika horot. NE E MIRCE ACEV,TUKU STIV NAUMOV. toa ti e isto kako da si napishala deka na otvoranjeto mesto Viktorija Abril ,beshe Viktorija Bekam....isto li e toa?
marina, 28.09.2009 09:18:57
Ne e Susicki, tuku sussicki, s kako sporet.
Томе, 28.09.2009 11:24:33
Браво за Лабина, не беше ништо спектакуларно туку сосема пристојно и доволно. Одлично е тоа што кичот го замени со квалитет. Честитки за организацијата и уште многу години успешно водење.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

   


Site Meter


Време
Скопје, 26°C

Ведро

Понеделник
Ведро
Макс: 33°C, Мин: 13°C

Вторник
Делумно облачно
Макс: 33°C, Мин: 13°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз - Титова Совладетелка (13)
Африканската турнеја на Тито. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“
Интервју - Современиот танц широко ги отвора портите
„Желбата да студирам современ танц отсекогаш потсвесно тлееше во мене“, вели балерината Матеја Киселичка...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Едиторијал | Мислења | Писма | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп | Што прават денеска |