16.08.2012, 13:33 Салман Ружди: Иран и јас имавме многу интимен однос
Треба да се каже дека Арапската пролет е готова. Младите луѓе кои ги почнаа демонстрациите беа политички невини. Навистина е разочарувачки тоа дека револуцијата која немаше никаква врска со религијата и која беше непријателски настроена кон воениот режим на автократските држави, дојде во состојба во која се уште има автократска воена команда, а покрај тоа и многу религиозни елементи
Речиси 25 години по објавувањето на „Сатанските стихови“, контроверзен роман кој го поттикна иранскиот врховен лидер ајатолахот Хомеини да прогласи фетва против писателот, поради кое неговото семејство беше принудено да се крие цели десет години, Салман Ружди се чини го најде својот мир. Сега дури и е многу ангажиран.
Тој снима филмска верзија на својот роман класика „Деца на полноќта“, исто така работи и на нови мемоари за периодот кој го поминал во бегство, а покрај сето тоа наоѓа време и за Твитер. Но, во интервјуто за „Форин Полиси“, британско-индискиот писател ја наведува и Арапската пролет, па со тага се присетува на убавите времиња на својата младост во Иран.
- Бев голем оптимист што се однесува до Египет минатата година, бидејќи се чинеше дека револуцијата навистина е секуларна, демократска, а не под влијание на верскиот екстремизам. Се чинеше дека Египет навистина сака да стане модерна нација. Очигледно е дека сето тоа отиде во друг правец. Треба да се каже дека Арапската пролет е готова. Младите луѓе кои ја почнаа револуцијата беа политички невини. Навистина е разочарувачки тоа дека револуцијата, која немаше никаква врска со религијата и која беше непријателски настроена кон воената команда на автократската држава, дојде во состојба во која сеуште има автократска воена команда, а покрај тоа и многу религиозни елементи. На некој начин, тоа е спротивно од она за што се бореа младите луѓе - наведува во интервјуто Салман Ружди.
- Меѓу мене и Иран постоеше посебна и многу интимна врска, а тоа е дека тие се обидоа да ме убијат - вели Ружди, зборувајќи за фетвата која Иран ја прогласи против него, откако ја објави книгата „Сатански стихови“.
- Го посетив Иран кога имав 21 година, во времето на шахот. Тоа беше прекрасно. Само што завршив факултет, а таков беше светот во тоа време, во 1968 година можев да се возам со пријателот од Лондон па се до Јужна Азија. Мислам, обидете се сега да се возите преку Иран и Авганистан! Се сеќавам дека Иран беше многу космополитска земја, а општеството многу културно. Сметам дека појавата на исламскиот радикализам во таа земја, од сите земји беше посебно трагично бидејќи имаа навистина напредна култура, што не значи дека го бранам режимот на шахот кој беше ужасен. Но, тоа е една од историските трагедии во која страшен режим се заменува со уште пострашен. Да се надеваме дека истото нема да се случи на Египет, потенцира Ружди за ФП.
- Ако погледнете наназад во светската историја, во однос на пред 200 години, правдата е зголемена. Времето на големите царства е завршено. Многу народи, вклучувајќи ја и мојата земја Индија, сега сами одлучуваат за својата судбина, наместо тоа да го прави некој од надвор. Но, историјата е една од ретките која секогаш се движи во два правци во исто време. Ако ја погледнете Кина, можете да тврдите дека не дошло до подобрување, а во исламскиот свет имаме назадување. А можеби дури и во делови на САД, смета Ружди.
- Очекувањата беа многу големи кога Барак Обама дојде на власт. Но, секој кој ја признава големината на проблемите со кои се соочува, знаеше дека тој нема да може да ги исполни надежите на сите луѓе. Се` уште мислам дека за секогаш ја промени историјата на Америка, како и Хилари Клинтон. Фактот дека се срушени пречките, како за жените така и за Афроамериканците, е нешто што го менува начинот на кој луѓето размислуваат за својата иднина. И беше многу пријатно да се гледа како со Америка владеат паметни луѓе, нагласува Ружди.
- Требаше да се убијат книгите, радиото требаше да ги убие книгите, а потоа филмовите и телевизијата да го направат истото. А книгите повторно некако мистериозно преживеаја. Мислам дека ќе има промени. Електронските книги ќе го променат начинот на кој луѓето читаат, но не мислам дека луѓето нужно ќе престанат да читаат, смета Ружди.
- И јас сум на Твитер, но тоа е еден вид врска без обврски. Моментно е нешто повеќе од one-night-stand, но не е брак, заклучува Ружди во интервјуто за ФП. (Форин Полиси) |