16.08.2012, 13:19 Признанието „Пријател на Република Македонија“ за Волф Ошлис
Германскиот македонист и славист награден за неговата поддршка за промоција и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот
Германскиот македонист и славист Волф Ошлис доби признание „Пријател на Република Македонија“ за неговата поддршка за промоција и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот. Признанието денеска му го врачи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која лично му се заблагодари за неговите заложби.
Ошлис е автор на преводот на „За македонските работи“ од македонски на германски јазик, објавен од „Македоника литера“, во кој има напишано и обемен предговор-студија за Македонија. Германскиот е шести јазик на кој е преведно капиталното дело на Крсте Петков Мисирков, покрај англиски, руски, чешки, грчки и француски јазик. Ошлис е автор или коавтор на други книги на македонски јазик, меѓу кои и на штотуку објавената „ГерМакедонија“ посветена на заемните македонско-германски врски. Автор е и на издание од 30-ина страници во кое ја опишува Македонија од сите аспекти. Превел и голем број дела од македонската литература на германски јазик.
- Професорот Ошлис е еден од најголемите пријатели на нашата држава во светот, промотор на македонскиот јазик и на македонската држава. Тој е автор и коавтор на многу дела преку кои се промовира научната вистина за Македонија, македонскиот јазик и државност во светот. Автор е и на првиот учебник по македонски јазик објавен надвор од границите на поранешна Југославија. Ангажманот и поддршката на Ошлис и на останатите научници-лингвисти, чиј интерес се темите кои се во самата срж на македонскиот идентитет, се од особено значење за Република Македонија. Тие се македонски амбасадори во светот, истакна министерката Канческа-Милевска на средбата со Ошлис во Министерството за култура.
- Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател во Македонија. Јас сум тоа од 1975 година до денес, најчесто како гостин на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, но и за други поводи. Како македонист во Германија, мора да бидеш новинар и сестран истражувач. Сега сум пензиониран, но уште имам сила, енергија и прилики да пишувам и да објавувам. Значи, ќе останеме во контакт јас и мојата Македонија, истакна Ошлис по примањето на признанието.
Нове Цветановски од „Македоника литера“, издавачот што ги објави „За македонските работи“ на германски и „ГерМакедонија“, рече дека Ошлис е меѓу најактивните македонисти и афирматори на македонската кауза и вистина во светот и еден од најголемите македонски пријатели.
- Книгата на Мисирков тешко се преведува и не е објавена на многу јазици токму поради спецификата. Тоа го може само човек кој добро ги познава двата јазика и културната историја на Република Македонија, како и историскиот контекст кога е создавана таа книга.... Ошлис е и голем македонски патриот. Еден е од ретките кој се бореше за вистината за името на Македонија и, меѓу другото, има одржано прес-конференција во седиштето на Европската унија во Брисел за признавањето на Република Македонија под уставното име, рече Цветановски.
Волф Ошлис (1941) е македонист, славист, политички научник, новинар и експерт за Источна Европа. Работел во Институтот за источнонаучни и меѓународни студии во Келн и на Универзитетот во Гизен. Денес е публицист за Источна Европа. Континуирано објавува статии посветени на Македонија. Почесен доктор на науки е на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добитник на годинашната награда „Духовен воин“, што ја доделува меѓународната манифестација „Македонски духовни конаци“ и ќе биде почесен гостин на претстојните Струшки вечери на поезијата.
|