16.08.2012, 09:51 Трисет и пет години од смртта на Елвис Присли
На 16 август 1977 година во Мемфис почина Елвис Присли, а десетици илјади фанови денеска се очекува да му оддадат почит во Грејсленд
На денешен ден пред 35 години почина легендарниот американски музичар, кралот на рокенролот Елвис Присли.
Тој е роден во Тупела, во државата Мисисипи на 8 јануари 1935 годинна, а на 13 години со семејството се преселил во Мемфис, во Тенеси.
Музичката кариера ја почнал во 1954 година во дискографската куќа „Сан рекордс“. Дискографската куќа „РЦА Виктор“ со него потпиша договор во 1955 година, според кој полковникот Том Паркер ќе биде негов менаџер следните две децении.
Првиот сингл на Присли за таа издавачка куќа беше „Хартбрејк хотел“, кој излезе во јануари 1956 година и веднаш стана голем хит.
Елис Присли стана водечка фигура на новиот рокенрол звук. Неговиот начин на изведување на песните и енергичните движења го направи еден од најпопуларните, но и најконтраверзните изведувачи.
Филмската кариера ја почнал со филмот „Сакај ме нежно“, а глумеше во 33 филмови.
Од 1957 до 1966 година Присли се наоѓаше на листата на десет најкомерцијални американски актери.
Во 1975 година тој почнува да заболува од дијабетис и гастритис, беше зависен и од различни лекови и дроги.
Елвис Присли почина на 16 август 1977 година во неговиот дом во Мемфис. Почина во 42. година од животот од болест на срцето и поради прекумерно кознумирање на препишаните лекови.
Во текот на неговата кариера тој објави 97 плочи, а на врвот на топ-листите мина речиси 996 недели и продал над 150 милиони албуми.
Елвис Присли стана една од иконите на популарната култура на 20 век.
Десетици илјади фанови на Елвис се очекува да му оддадат почит во Грејсленд, каде ќе бидат одбележани 35 години од неговата смрт.
Обожавателите ќе почнат да се собираат денеска попладне на влезот во Грејсленд, некогашната куќа на Елвис во Мемфис.
Грејсленд секоја година го посетуваат повеќе од 600 илјади лица. |