29.06.2012, 17:48 Клеветата наскоро пред пратениците
Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии идната недела се очекува за влезат во собраниска процедура, откако ќе заврши нивното разгледување од страна на Владата. Во план е тие да бидат ставени на дневен ред на првата собраниска седница која ќе биде закажана во јули, најави на вчерашната неформална средба со новинарите претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски. По годишните одмори во септември би можело да помине и второто читање на законите, пред да пристигне извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
„Во наредните две недели очекуваме да пристигнат и Кривичниот законик и законот со кој се регулира декриминализацијата на клеветата, по договорот што беше постигнат меѓу ЗНМ и Владата. Овие закони ќе бидат разгледани на иста седница со претходните. Се' уште се чека на експертизата од Брисел за декриминализацијата, која се очекува во меѓувреме да пристигне“, додава тој.
Разгледувањето на законите од страна на пратениците се дел од критериуми од Патоказот, односно дел од обврските за добивање препорака за започнување на преговорите со ЕУ. (Д.Т.) |