29.06.2012, 17:44 Интервју - Опозицијата манипулира со Законот за вработување
Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика
Маја Томиќ
Деновиве се актуелни измените во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и мерките за вработување. Од опозицијата и од некои невладини организации беа квалификувани како маркетиншки трик кој нема да даде резултати. Дали ќе има вештачко бришење на невработените и, на пример, дипломиран доктор ќе работи како медицински брат ?
Евидентна е деструктивноста на опозицијата и на невладините организации блиски до неа кои ја оспоруваат работата на Владата и преку погрешни интерпретации манипулираат со јавноста. Појаснувам дека во ниту еден случај со и��мените не се предвидува бришење на невработените лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување, ниту, пак, ќе им биде одземено некое право. Лицата ќе се пререгистрираат во „други лица кои бараат работа“. Тоа значи дека ќе има промени во водењето на евиденциите. Промената е неопходна, бидејќи досегашната практика покажа дека оние што навистина активно бараа работа и оние што само се регистрираа, не беа во иста положба. Што се однесува до понудата за работа, Законот предвидува дека доколку невработениот не најде работа една година, може да му биде понудена и работа со пониско образование од она што го поседува. Овој пристап ќе даде појасна слика за состојбата со невработеноста.
Со години наназад на пазарот на трудот има голем дисбаланс меѓу побарувачка и понудата на работна сила. Дали со мерките ќе се смени таа слика и работодавците ќе „навалат“ да вработуваат, ако се знае дека најголем процент од невработените се со ниско образование ?
Владата прави сериозни напори да направи баланс помеѓу понудата и побарувачката на трудот. Работиме напорно и успеавме да ја намалиме стапката на невработеност од 38 на 31 процент. Во услови на економска криза се трудиме да не дојде до раст на невработеноста, што е случај во многу земји. Од друга страна, преку мерките и политиките за вработување, како и со привлекувањето странски инвестиции, настојуваме да отвориме колку што е можно повеќе работни места. Со Оперативниот план за активни мерки и политики за вработување за период од шест години, опфатени се повеќе од 42.000 невработени лица.
Тече проектот „Од идеја до бизнис“. Каков е одѕивот на лицата и дали се размислува на некој сличен проект ?
Ова е една од најуспешните програми во Оперативниот план, што дава најдобри резултати, односно имаме 100-процентна реализација. Затоа од година на година квотите и износот на средства значително се зголемуваат. За Програмата за самовработување лани аплицираа 1.899 невработени лица, а беа планирани 700 самовработувања. Оваа година се планирани 980 самовработувања. Исто толку бизнис-планови се прифатени и обезбедена е соодветната финансиска поддршка.
Колку средства се предвидени за спроведување на политиките за вработување ?
За имплементација на Оперативниот план за 2012 година, во чии рамки е и „Од идеја до бизнис“, обезбедени се 500 милиони денари или 8,1 милион евра, од кои за програмата за самовработување се 204 милиони денари. Исто така, и лани беа обезбедени 500 милиони денари.
Колкав е вкупниот број социјални семејства, се воведе ли некаков ред во таа сфера и има ли злоупотреби од корисниците на социјална помош?
Во 2011 година имаше 46.000 корисници на социјална парична помош. По извршената годишна обнова на документацијата, од ноември лани се евидентирани околу 39.000 корисници. Тогаш ги согледавме сите неправилности во користењето на правото на парична помош, ги детектиравме оние што на некој начин ја злоупотребуваа државата. Одредени корисници имале дополнителни приходи што не ги пријавиле во центрите за социјална работа, што е незаконски. Треба да се пријави секоја настаната промена во бројната и во имотната состојба во домаќинството. Со воведувањето електронска размена на податоци со Агенцијата за катастар на недвижен имот, утврдивме дека поголем број на корисници имаат имот над 7.000 квадратни метри што е основа за престанување на правото на парична помош.
Дали се размислува за зголемување на средствата за социјалците од буџетот, особено на постарите лица, бидејќи сегашните износи не им ги задоволуваат нормалните животни потреби ?
Со измените во Законот за социјална заштита во 2009 година е воведен номинален износ за сите права што се усогласува секоја година со порастот на трошоците за живеење. Колку за споредба ќе го споменам правото за помош и нега од друго лице. Во 2006 година тоа се остваруваше врз основа на обемот од потребата за помош и вкупниот приход на домаќинството. Најтешко болните лица остваруваа само 164, односно 145 денари. Сега висината се утврдува според обемот на потребата за помош и нега од друго лице, независно од материјалниот статус. Износот е 4.348 денари, односно 3.846 денари. Значи, надоместокот е зголемен за дури 30 пати повеќе. Исто така, и износите за социјална и постојана парична помош од 2006 до 2012 година се зголемени за над 30 отсто.
Трудовите инспектори постојано ловат работници на црно. Се намалува или расте бројот на овие лица и дали се доволно високи законските казни за да се спречи оваа појава ?
Се трудиме оваа бројка да стане незначителна и ќе работиме на унапредување и на заштита на правата на работниците. Зголемен е бројот на контролите на Државниот инспекторат за труд по писмени и телефонски претставки од граѓаните и мислам дека полека работодавците се освестуваат. Голем е ризикот за нив, казната изнесува од 6.000 до 7.000 евра и со сигурност ќе биде наплатена.
Колку деца се посвоени од почетокот на годинава до сега, по воведувањето на електронскиот начин на посвојување и дали аферата со злоупотребите со посвојувањата заврши само со разрешување на директорите на неколку центри ?
Најголем проблем во Македонија е што бројот на можни посвоители е значително поголем од потенцијалните посвоеници. На пример, моментно имаме околу 300 семејства кои бараат да посвојат дете, а од друга страна имаме околу 50 деца што чекаат да добијат семејство и топол дом. Толкав е и просекот на посвоени деца на годишно ниво. Постојат семејства кои со години чекаат дете и често дел од нив обвинуваа дека човечкиот фактор е виновен за тоа. За да нема такви недоразбирања, направивме измени во Законот за семејство. Го променивме начинот на избор на посвоителите, кој сега се врши од сите запишани можни посвоители на ниво на Македонија, односно за едно дете-посвоеник изборот се врши од првите три можни кои имаат најмногу бодови, при што не се зема предвид местото на живеење на посвоителот и на посвоеникот. Во однос на злоупотребите, го направивме тоа што законски следуваше. Се поведоа иницијативи за отпуштање работници, се преместија работници, поведени се прекршочни пријави. Она што е најважно моментно е да нема застој во процесот на посвојување.
Зошто Владата се одлучи да ја намали основицата за пресметување на плата со која идните пензионери ќе имаат за 8 отсто помала пензија?
Неосновани се изјавите дека идната пензија ќе се намали за 8 отсто. Анализите кои му претходеа на ова решение покажуваат дека идните пензии што ќе се остварат за седум години нема да имаат намалување, со претпоставки нивото на плата да остане исто, односно да не се намалува.
Со новиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување не се врши промена во делот на пресметување на пензијата. Имено, начинот на определување на пензиската основица за утврдување на висината на старосната пензија и понатаму останува непроменет, односно пензиската основица се утврдува од месечниот просек на платите остварени за време на целиот работен век на работникот. Зависно од должината на пензискиот стаж, пензијата се определува во проценти од пензиската основа, за секоја година навршен пензиски стаж.
Потребата од приспособување на процентот од кој се определува пензијата, пред, е се' поради фактот што пензиите целосно се финансираат од уплатата на придонесот, а висината на пензијата индиректно зависи од уплатената стапка на придонес од платата. Од 1 јануари 2009 година со воведувањето бруто-плата започна намалувањето стапките на социјалните придонеси. Така, стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување од 21,2 отсто се намали на 18 проценти во 2012 година, односно до 17,4 отсто во 2015 година. Со Предлог-законот за пензиско и инвалидско осигурување процентот од кој се определува висината на пензијата се утврдува на 1,61 отсто од пензиската основа. Ова приспособување на процентот ќе се донесува само за пензиски стаж навршен по 1 јануари 2013 година.
Со колкав процент државата интервенира во Пензискиот фонд за исплатата на тековните пензии, расте или се намалува оваа сума во споредба со минатите години?
Во услови на економска и должничка криза, државна интервенција во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е нормална појава, дури и во економски најразвиените земји. Најважно е оваа категорија граѓани, кои се наоѓаат во третата доба од животот да не се почувствуваат материјално загрозени и да им се обезбеди достоинствен живот. Евидентна е нашата грижа кон нив, пензиите се исплаќаат редовно во првата недела од месецот и се усогласуваат на секои шест месеци. Пензионерите и' веруваат на оваа Влада. Така ќе биде и во иднина. Во ниеден момент нема да дозволиме да се почувствуваат маргинализирани. |