29.05.2012, 18:51 Што се случуваше во октомври 2005 година
Во рекацијата на предлогот на Нимиц официјална Атина соопшти дека немала да прифати членство на Македонија „под ниедно друго име освен БЈРМ“
Настаните по Самитот на НАТО во Чикаго во Македонија се претворија во вистинска политичка борба кој и што прифатил, а кој и што одбил од предлогот на посредникот на ОН Метју Нимиц од октомври 2005 година. Македонската Влада на вонредна седница го прифати предлогот на Нимиц, додека Грција само три часа по неговото доставување во Атина експресно го отфрли како целосно несоодветен за нејзините интереси во преговорите за името.
Што пишуваше тогаш „Утрински весник“? Во бројот од 10 октомври 2005 беше објавен подолг текст за вонредната седница на Владата. Во него пишуваше:
„Македонската Влада, засилена со шефот на државата Бранко Црвенковски, синоќа одржа вонредна седница на која, со одредени забелешки, реши да го поддржи предлогот на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот околу името со Грција. Ова е вторпат од 1994 година да се расправа со ваква ургентност и на вакво ниво за проблемот што трае над една деценија, но сега со цел не само да се застане зад предлогот на медијаторот, туку и да му се даде поголема гласност на фактот дека Македонија е конструктивна, иако 24 часа претходно предлогот на Нимиц експресно беше одбиен од официјална Атина. За предлогот денес претседателот Црвенковски ќе се консултира и со бившите министри за надворешни работи и со експреговарачот Вања Тошевски, а напладне ќе се сретне со лидерите на главните политички партии за да се изгради национален консензус околу ова прашање, а пред се' да се информираат изворно околу најновата иницијатива на Нимиц, што Ројтерс вчера ја обнароди како предлог на Обединетите нации.
Иако и од македонска и од грчка страна предлогот не се објавува официјално, и кај нас и во Атина излегоа некои детали и пред да им биде предаден на преговарачите во Њујорк. Според она што се дознава, станува збор за тројна формула околу името, при што акцентот е ставен на името за меѓународна употреба, кое нема да биде едно, туку ќе содржи две рамноправни имиња разделени со едно ’или‘. Поконкретно, Нимиц предлага Македонија да го користи уставното име дома и во билатералните односи со сите земји што ја имаат признато на таков начин, а Грција да го задржи за себе правото да и' се обраќа со името што го најави како најприфатливо – ’Република Македонија – Скопје‘, на латиница и во македонска транскрипција. Она што е најбитното, во ОН и во другите меѓународни организации, Нимиц предлага да се користат паралелно и рамноправно уставното име „Republic of Macedonia“ и оригиналното „Република Македонија“ (со македонска транскрипција и на латиница), разделени со „или“, но со рок до 2008 година кога ќе остане само уставното име на Македонија. Она што го прави привлечен предлогот за Македонија, според официјални оцени, е фактот дека е респектирано уставното име на државата, бидејќи него ќе можат да го користат сите што го признале или ќе го сторат тоа во иднина.
Во предлогот, исто така, има и други препораки што се доживуваат како споредни, па не се најавуваат, но на една од нив особено е чувствителна Грција, а тоа е правото на (не)ексклузивитет на терминот Македонија. Според она што се дознава, предлогот на Нимиц е сличен како и претходниот, т.е. ниту една од двете земји да нема ексклузивитет во користењето на името Македонија, а ако Грција сака во иднина да го користи во рамките на државата, да ја употребува формата - провинција Македонија.
Впечатокот вчера беше дека со експресното одбивање на предлогот (само три часа по објавувањето) Атина сакаше да ја намали штетата од јавното објавување на нејзината неподготвеност за компромис, откако Македонија првпат по 1994 година покажа подготвеност за такво нешто. Целата епизода, всушност, е реприза на случувањата во април годинава кога Нимиц излезе со предлог по вкусот на Грција, со кој направи пресврт во перцепцијата на меѓународната заедница - кој е конструктивен околу спорот а кој не...“
Два дена подоцна „Утрински“ ги пренесува негативните реакции од Атина за предлогот на медијаторот Нимиц.
„Новиот предлог на Нимиц беше дочекан како студен туш во Атина, при што грчката влада одговори на единствениот можен начин во моментов - со закана за вето на македонската апликација во Европската унија и со обвинувања за пристрасност на адреса на преговарачот на ОН, Метју Нимиц. Ваквата реакција уследи по изјавата на премиерот Владо Бучковски дека за Владата предлогот на медијаторот Метју Нимиц е прифатлив и дека тој претставува добра основа за решавање на разликите што ги имаме со јужниот сосед околу уставното име на државата.
Реакцијата на официјална Атина, по првичниот молк, беше објавена вчера на официјалниот сајт на Министерството за надворешни работи и во неа стои дека предлогот на медијаторот Нимиц е едностран и пристрасен, т.е дека ги поддржува ставовите на македонската страна што, пак, не било во согласност со концептот за посредништво на ОН. Во реакцијата Атина се жали, исто така, дека целта на посредништвото е да се дојде до компромис што ќе биде прифатлив за двете страни и кој ќе ја олесни билатералната релација меѓу двете држави и комуникацијата меѓу двата народа, сугерирајќи дека со ваквиот предлог тоа не е случај. Атина потоа ја повтори веќе најавената закана дека ќе го блокира барањето на Македонија за членство ’во која било меѓународна организација‘ ако нашата држава се обиде да го стори тоа под друго име што не е ’бивша југословенска Република Македонија‘.
Грчките медиуми, исто така, реагираа на предлогот на Нимиц ставајќи акцент на имињата предложени внатре, но и на фактот дека со предлогот практично и' се оспорува правото на ексклузивитет на Грција да го користи терминот Македонија дури и на нејзина територија, бидејќи во иднина би морала на тоа име да додаде одредница како ’северногрчки дел на Македонија‘, ’грчка покраина Македонија‘, ’северногрчка покраина Македонија‘ или нешто слично. Медиумите изразија и изненаденост што во Македонија се дебатираше за предлогот иако тој веднаш беше одбиен од Атина, а во поостар тон беа реакциите на опозицијата која побара за содржината на предлогот да се свика ургентен состанок на Националниот совет за надворешна политика.
Најголемата опозициска партија ПАСОК ја обвини вчера грчката влада дека нема стратегија за водење на надворешната политика... Грчките медиуми, исто така, оценија дека предлогот на Нимиц ја довел Атина пред голем тест со оглед на очекувањата дека на 9 ноември Европската комисија ќе даде позитивно мислење за апликацијата на Македонија за членство во Унијата...
Дилема било дали предлогот на Нимиц значи дека Македонија, на пример, и натаму ќе може да има Македонска академија на науки и уметности или Академија на науки и уметности на Република Македонија, а реакции имало и околу именувањето на националноста, при што Владата образложила дека и сега во македонските патни исправи во таквата графа пишуваме граѓанин на РМ или само РМ, така што тоа и не е некоја промена“.
Експертите во своите реакции објавени на 13 октомври 2005 во „Утрински“ не гледаа опасност за Македонија во предлогот на Метју Нимиц. Во текстот под наслов „Македонија нема да биде Македониџа“ поранешните шефови на дипломатијата Љубомир Фрчкоски и Слободан Чашуле и експреговарачот, сега покојниот, Иван Тошевски, не гледаа драма во резолуцијата на Нимиц иако и самите имаат некои забелешки што би сакале да се коригираат. (Љ.П.)
Каков беше предлогот на Нимиц
„Утрински“ тогаш го објави предлогот на медијаторот Метју Нимиц. Што пишуваше во него?
„Нимиц предлага седум начини на обраќање на Македонија од кои трите деновиве и' беа навестени на јавноста. Според предлогот, Македонија дома ќе го употребува уставното име, а Грција ќе и' се обраќа со името ’Република Македонија-Скопје‘. Во меѓународните организации до 2008 година ќе се користи името ’Република Македонија‘, напишано на латиница и во македонска транскрипција, со фуснота дека таа е земјата што некои ја признаваат под името ’Repubic of Macedonia‘, а која со Грција има дипломатски односи под името ’Република Македонија-Скопје‘. По 2008 година ќе остане само името ’Repubic of Macedonia‘, но Нимиц сугерира, исто така, земјите што не не' признаваат под тоа име (како Грција, Кипар и евентуално некоја друга) да употребуваат фуснота во која ќе стои дека за Грција сме ’Република Македонија-Скопје‘. Во предлогот стои, исто така, во графата националност да нема Македонци туку ’граѓани на РМ‘, а за јазикот неофицијално стоело македонски, иако во официјалниот документ на англиски јазик стои нејасна кратенка МЦДС, што од Владата било објаснето како техничка грешка. Нимиц, исто така, предлага никој да нема ексклузивно право да го користи името Македонија, што значи, исто така, дека ниту една од државите не може да го забрани употребувањето на овој термин на политички, географски и комерцијален план. Со посебна точка во договорот нашата земја се обврзува во меѓународната комуникација да мора да го употребува целосното уставно име Република Македонија, а не само Македонија, што значи дека во Обединетите нации нашата земја ќе се води под буквата ’Р‘, а не ’М‘“.
|