04.06.2012, 19:51 Груевски побара повеќе шведски инвестиции
Средба на македонскиот премиер со својот шведски колега Рајнфелд во Стокхолм
Стокхолм – „Шведска е наш голем поддржувач на патот кон НАТО и ЕУ. Во секоја прилика тие истакнувале принципиелна позиција во однос на Македонија и биле поддржувач на кој секогаш сме можеле да сметаме, а мислам дека и во иднина ќе биде така“. Ова го изјави премиерот Никола Груевски по вчерашната средба со премиерот на Шведска, Фредрик Рајнфелд, во Стокхолм. Придружуван од владин економски тим, македонскиот премиер во Шведска вчера и денес ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.
Билатералните односи меѓу двете држави се на одлично ниво, оцениле премиерите, според кои постои огромен простор добрата политичка соработка и поддршка од Шведска да се надгради со подобри економски односи, поголема трговска размена и повеќе шведски инвеститори во Македонија.
„Разменивме мислења и околу економските состојби во двете држави и воопшто во Европа, но и околу политичките проблеми со кои се соочуваме во однос на блокадата што ни ја прави Грција и штетите што ги има Македонија од таа блокада како на политички, уште повеќе и на економски план, и размислувањата понатаму да се продолжи да се бара и да се најде решение со кое би бил надминат овој проблем“, рече Груевски.
На средбата со шведскиот премиер, како и со министерот за трговија на Шведска, Ева Бјорлинг, Груевски ги претставил подобрените услови за водење бизнис во Македонија.
Шведските државници, како што рече Груевски, изразиле добредојде за нас во нивната земја и за идејата што ја носиме за воспоставување поблиска комуникација со бизнисмените во Шведска. Со шведскиот министер за трговија е разгледана можноста делегација од Шведска да ја посети Македонија.
Во состав на владината делегација се вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции, Веле Самак и Бил Павлески, како и заменик-директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев. (МИА) |