06.06.2012, 17:34 Пандев три плус една година во Наполи
Македонскиот напаѓач, наводно, се согласи за годишна плата од 2,5 млн. евра
Горан Пандев го официјализира трансферот во Наполи. Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија потпиша тригодишен договор со освојувачот на Купот на Италија, со можност да го продолжи за уште една година. Компромисот околу финансиите паднал на 2,5 милиони евра по сезона, еден милион помалку од тоа што Македонецот го заработуваше во Интер.
„На седмо небо сум. Сакав да останам во Наполи по секоја цена. Многу го почитувам претседателот Де Лаурентис. Имам голема доверба во проектот и сигурен сум дека Купот на Италија беше само почеток на еден одличен циклус. Се надевам дека ќе ја завршам кариерата во Наполи“, изјави Пандев за италијанските медиуми.
Ова е среќен крај на приказната која последна епизода имаше на крајот на минатиот месец, кога Наполи целосно го откупи договорот на Пандев со Интер и остана да ги дефинира личните услови со фудбалерот. Задоволството, очигледно е двострано, бидејќи и претседателот Аурелио Де Лаурентис не го криеше по склучениот договор.
„Пандев е првиот значаен чекор во екипата за следната сезона. Ја затворивме операцијата на вкупно 7,5 милиони. Среќни сме и ние и фудбалерот. Покрај тоа што е одличен техничар, Пандев е и пристојно момче. Играчите се, пред се', луѓе, а не фудбалски машини. Пандев ќе наполни 29 години во јули и се наоѓа во врвот на својата зрелост. Посакувам не само да игра во Наполи во следните четири години, туку да има долга кариера во светлосино“, изјави Де Лаурентис.
На 31 мај Де Лаурентис и Масимо Морати се спогодиле Наполи да му плати на Интер отштета од осум милиони евра за Пандев, кој цела сезона играше на „Сан Паоло“ како зајмен играч. Во август минатата година двата клуба се договорија фудбалерот привремено да дојде во Неапол и притоа да си ги поделат обврските за годишната плата од 3,5 милиони евра.
Пандев минатата сезона одигра вкупно 42 натпревара во Серија А, во Лигата на шампионите и во Копа Италија, во кои постигна седум гола. (В.А.) |