06.06.2012, 15:41 Словенија цврсто стои зад евроинтеграцијата на Македонија
Претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски, кој ја предводи собраниската делегација во официјална посета на Словенија денеска оствари средба со словенечкиот претседател Данило Тирк.
Во разговорот, двајцата соговорници се задржаа на три сегменти кои се од интерес за двете држави, значењето на добрата парламентарна соработка во насока на меѓусебна размена на искуство на сите нивоа, интензивирање на односите и комуникацијата на двете бизнис заедници и изнаоѓање механизам кој би овозможил брзо и лесно надминување на проблемите кои се јавуваат во стопанското делување.
Тирк потенцираше дека Словенија принципиелно ја поддржува Македонија на патот на евроатлантското интегрирање и дека цврсто останува на тие принципи со заложба да се искористи секоја можност што ќе помогне таа да дојде до зацртаната цел. Пред средбата со Тирк, Велјановски се сретна и со претседателот на Владата на Словенија, Јанез Јанша, кој потенцираше дека Македонија имала и продолжува да има пријател и сојузник во Словенија.
Собраниската делегација, во чиј состав се и пратениците Ристо Манчев, Мевмет Џемајлоски, Оливер Спасовски и Амди Бајрам, оствари средба и со градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ. (П.Р.)
|