06.06.2012, 13:41 Биг Мек зависи од Македонија
АТИНА - Приказната за грчкиот фудбалски бос Макис Псомијадис и неговата екстрадиција од Македонија во Грција има ново продолжение. Македонските власти ќе имаат клучна улога за тоа дали популарниот Биг Мек ќе биде суден за проневера на пари додека бил прв човек во клубот АЕК. Судењето на овој случај, кое требаше да почне денеска во Апелацискиот суд за кривични дела во Атина, се одложи за 21 ноември. Причината е некомплетираната екстрадиција од македонска страна за Псомијадис. Ова бил главниот аргумент на адвокатите на Псомијадис, пренесува весникот „То вима“. Адвокатите се побуниле дека во документите за екстрадиција се споменуваат само категориите за местење натпревари, меѓутоа не и за проневера на пари во АЕК во 2002 година.
За перење пари се обвинети и две други лица, кои во роднински врски со Псомијадис. Тие се товарат дека земале пари од фудбалскиот тим, прикажувајќи ги како трошоци за изградба на спортски центар, кој никогаш не бил изграден. Според обвинението, Псомијадис наводно имал исплатено аванс на градежна фирма, меѓутоа потоа било докажано дека тој никогаш и не купил земјиште за изградба на центарот. (М.П.)
|