05.06.2012, 15:24 Судење на прилепчанецот кој си ја уби девојката
Во прилепскиот основен суд денеска продолжи судењето на 27- годишниот Даниел Крстески од Прилеп, обвинет за убиство со умисла на 19- годишната девојка Ангела Димоска во јануари годинава. Крстески се товари и за уште едно крвично дело „недозволено држење оружје“.
Психијатриските вешти лица од психијатриската болница од „Демир Хисар” пред судот дадоа свое мислење за психичката состојба на обвинетиот Крстески веднаш по убистото на девојката. Иако најавени, лекарите што го извршија обдукцискиот наод не стигнаа на судењето.
Според психијатарот д-р Валентина Талевска, Крстески имал дисоцијално растројство, бил во алкохолизирана состојба и имал низок праг на толеранција. Доктор Борис Грозданов појасни дека стравот што обвинетиот го чувствувал претходните дваесетина дена поради заканите од обезбедувањето во едно прилепско кафуле поради што на црно купил пиштол, нема никаква врска со чинот на убистовото на девојката. Тогаш станувало збор за други мотивации.
Прилепското обвинителство го товари Крстески за убиство со умисла зашто тој бил пресметлив кога го извршувал кривичното дело. Убиството на 19 годишната Ангела Димоска се случи на 28-ми јануари рано утрото во семејниот стан на Крстески кој живеел со својот татко. Продолжението на судскиот процес е закажано за 27-ми јуни. |