05.06.2012, 15:01 Манчестер Ј. и Борусија (Д) се договорија за Кагава
„Милионерите“ го доведоа Јапонецот од Серезо Осака во 2010 година за 350.000 евра, а го испратија на „Олд трафорд“ за 70 пати поголем износ
„Манчестер јунајтед со воодушевување потврдува дека е постигнат договор со Борусија Дортмунд и со самиот играч за трансфер на Шинџи Кагава. Останува уште фудбалерот да ги мине лекарскире прегледи и да ја добие потребната работна дозвола за која не би требало да има проблеми. Сите работи ќе бидат готови до крајот на јуни, финансиските детаљи ќе ги објавиме во наредните денови“, се вели во официјалното соопштение на тимот од „Олд Трафорд“.
Преговорите меѓу Манчестер јунајтед и Борусија Дортмунд траеја со недели и конечно успеаја да ги усогласат ставовите за трансфер на Кагава, па изворедниот Јапонец би требало да се пресели од Бундеслигата во Премиерлигата за отштета од 18 милиони фунти или 22 милиона евра. Првата понуда на „црвените ѓаволи“ од 14,6 милиони фунти беше одбиена од германскиот шампион, а преговарачките тимови „се најдоа“ околу 18 милиони фунти, како што пишува „Гардијан“.
„Милионерите“ завршија одлична работа со јапонскиот репрезентативец. Го доведоа од Серезо Осака во 2010 година за сума од 350.000 евра и сега го испратија во Манчестер јунајтед за 70 пати поголем износ. Кагава уште во пролетниот дел одби да го продолжи договорот со Борусија Дортмунд по што англискиот вицепрвак веднаш се впушти во трка по неговите услуги. Јапонецот одигра 43 меча во дресот на Борусија (Д) и со 17 гола и 13 асистенции беше еден од клучните фудбалери во тимот на патот кон двојната круна во оваа сезона.
|