04.06.2012, 10:03 Македонија избори пласман на Европското првенство во ракомет
Синоќа во натпревар од последното коло од групата во Скопје, Македонија ја победи Турција со 26:24 и успеа да го елиминира директниот конкурент во борбата за втората позиција
ФОТО: Петр Стојановски
Женската ракометна репрезентација на Македонија во декември оваа година по петтипат ќе игра на Европско првенство, откако во квалификациите го освоија второто место во групата „4“ зад Франција. Македонија досега има настапувано на четири ЕП (1998, 2000, 2006, 2008 (домаќин)).
Синоќа во натпревар од последното коло од групата во Скопје, Македонија ја победи Турција со 26:24 и успеа да го елиминира директниот конкурент во борбата за втората позиција. Дуелот со Турција почн�� со наизменично водство на двете репрезентации, а потоа противникот помина во поконстантно водство. Македонија правеше грешки, пред се во контрите и немаше лесна завршница. Сепак благодарение на расположената Елена Георгиевска (со постигнати пет од вкупно шесте нејзини голови) Македонија го доби првото полувреме со 13:12.
Лошиот почеток на вториот дел значеше повторно водство на Турција, а откако беше преброден лошиот период на пет нереализирани напади по ред, од 45.минута Македонија поведе со 20:19 и водството го задржа до крајот. Во последните 15. минути се разиграа Драгана Пецевска, Билјана Црвенковска, Јулија Николиќ, а во финишот со одбрани на голот се истакна и капитенот Тања Андрејева. На крајот Македонија победи со 26:24 што значеше нова радост за ракометарките и за полната сала „СРЦ Кале“.
- Одигравме тежок натпревар, пред се на психички план. На почетокот на квалификациите многу не отпишаа, не веруваа во нас. Но, оваа генерација успеа да избори пласман на Европско првенство и се надевам дека ова за нив не е последен чекор, истакна по натпреварот селекторот Гино Стрезовски.
Најефикасен играч на натпреварот со 10 голови и ракометарка над која Турчинките заработија пет од шестте исклучувања беше Јулија Николиќ.
- Сите девојки работеа максимално во изминатиов период. Среќна сум дека успеавме да се квалификуваме на ЕП. Ова за мене беше последен натпревар во дресот на репрезентацијата, а на девојките им посакувам успех на Европското првенство во Холнадија, рече Николиќ.
На вториот натпревар од групата, Франција ја победи Литванија со 38:26. Франција е прва со 10 бодови, Македонија освои 8, Турција 4, Литванија 2.
|