05.06.2012, 11:38 Оклахома го презема водството во западното финале
Тандерси стигнаа на чекот до големото НБА-финале, откако во петтиот меч славеа на гости кај Сан Антонио со 108:103 за водство од 3:2 во серијата
Екипата на Оклахома Сити поведе во финалето од НБА Западната конференција со 3-2 во добиени натпревари, откако ноќеска на гостувањето кај Сан Антонио славеше со 108:103 (26:21; 26:23; 29:28 и 27:31).
Со овој триумф Оклахома Сити се наоѓа на една победа од пласман во финалето, а следниот натпревар утре навечер го играат на домашен терен.
За Сан Анатонио по серијата од 20 победи (10 во плеј офот), ова трет пораз во низа, за првпат оваа сезона имаат ваква негативна серија.
„Триото“ на Оклахома, Кевин Дјурант, Расел Вестбрук и Џејмс Харден имаа по 20 и повеќе поени што беше решавачко за победата. Дјурант постигна 27 поени, Вестбрук 23 (12 асистенции), Харден 20.
Кај поразениот тим воедно и на натпреварот најефикасен беше Ману Џинобили со 34 поени.
Вечерва се игра и натпреварот број 5 од финалето на „Исток“. Мајами е домаќин на Бостон, а резултатот е 2-2 во победи.
|