02.06.2012, 11:40 Бостон се врати во игра во финалето на Истокот
Селтикси ноќеска пред своите навивачи го совладаа Мајами со 101:91 и намалија на 1:2 во меѓусебната серија
Кошаркарите на Бостон Селтикс ноќеска со победата од 101:91 (30:28; 25:14; 30:21 и 16:28 по четвртини) го намалија водството на Мајами на 2-1 во победи во финалето од плеј-офот на Источната конференција во НБА лигата.
„Селтикси“ ја искористија предноста на домашен терен и натпреварот го решија по добро одиграните три четвртини.
Ударното „трио“ на Бостон реализираше повеќе од 20 поени – Кевин Гарнет (24 поени и 11 скокови), Раџон Рондо (21 поен и 10 асистенции) и Пол Пирс (23 поени).
Кај поразените Леброн Џејмс постигна 34 поени, додека Двејн Вејд остана на 18 (8 во последната четвртина), што беше премалку за победа.
Следниот четврти натпревар се игра утревечер, а домаќин е повторно Бостон.
Доцна вечерва се игра четвртиот натпревар од финалето на Западната конференција: Оклахома Сити – Сан Антонио, а водство од 2-1 во победи има Сан Антонио.
|