03.06.2012, 14:55 (ФОТО) Звучните магии на Куба, Турција и Македонија
„Оф-фест" почна еуфорично, продолжи во мирна атмосфера, а ја донесе и македонската звучна традиција
Тина Иванова
Ако симбол на кубанската култура е кубанската музика, тогаш симбол на кубанската музика денес е Хуан де Маркос Гонзалес. Клучниот лик за формирањето на легендарната "Буена Виста сошл клаб", посветениот музичар, кој ја основа и мошне популарната "Афро кубан ол старс", со чиј концерт стартуваше годинашниот "Оф-фест", го доживеа и македонската публика. Тринаесетtмината членови на "Афро кубан", на сцената во преполна Универзална, во петокот вечерта приредија вистинско шоу за широката публика која сака да ужива во музиката, особено во онаа која ќе ја помрдне од своите столчиња и ќе ја натера да танцува заборавајќи ги тешкотиите на реалноста.
Облечени во бели костуми, харизматичниот и духовит Хуан со неговата извонредна инструментална придружба, ни го донесоа мирисот и вкусот на големата островска земја богата со разновидна звучност. Можеби, ова беше најдобриот состав од Куба, кој гостувал во Македонија. Не само поради перфектноста во музицирањето, туку поради нивниот чист однос кон музиката која не ја оптоваруваат со разно-разни декорации, шлагови и кремови. Нивниот звук е избалансиран, во нивната ритам секција ги нема оние непотребни компликации својствени за некои други "комерцијални" уметници од овие краишта на светот. "Афро кубан ол старс" го сликаат традиционалниот кубански израз, поточно оној т.н. афро-кубан џез, а нивната силна енергија, жар и експресија, ја растресе публиката која не можеше да се скроти до крајот на настапот на одличните музичари.
Тоа и се очекуваше. Ова е музика за забава, која го отсликува начинот на живот на една култура, музика која лесно заразува и веднаш воспоставува контакт со аудиториумот. Иако е комерцијална, условно кажано, нејзината предност е во тоа што го доближува џезот, како форма блиска до афрокубанската музика, на поширокиот аудиториум. Така, и шареноликата публика во Универзална не можеше да му одолее на заразниот ритам, на шармот на целата екипа на сцената, а особено на оној на лидерот Хуан де Маркос, како и на неговите хумористични изјави претежно врзани за Македонија. Врвот на концертната еуфорија се случи кога музичарите се раздвижија меѓу публиката во салата, со што иницираа и повеќекратко враќање на бис.
Втората вечер на „Оф-фест" донесе една сосема поинаква атмосфера. Мирна, медитативна, амбиентална, ориентална музика ни претстави турското извонредно дуо Еркан Огур и Дерија Туркан, а по нив уживавме и во настапот на за нас добро познатиот Квартет на Драган Даутовски.
Многубројната публика во Македонската опера и балет, овој пат можеше целосно да се сконцентрира на специфичниот звук на Огур и Туркан, да размислува за секој тон што произлегуваше од нивните инструменти - гитари и кеменче, бидејќи тоа е еден мошне комплексен спектар на звуци. Но, можеше и сосема да се опушти визуелизирајќи ја нивната музика и да ужива во бескрајните предели во кои таа не' носеше. Специфичноста на овој концерт беше, се разбира, репертоарот кој ова прекрасно дуо го презентира. Претежно тоа се традиционални турски песни од 16 век. Но, уште повеќе плени инструменталниот спој. Гитарите на Огур, класични, едната без прагови, другата со прагови, како и турската тамбура, звучеа совршено во неговите раце. На некој начин, тие го носат звукот на ова време, иако се разбира тоа е релативна категорија особено ако се земе предвид нивниот фокус на интересирање. Малата виолина на Туркан, пак, наречена кеменче, со својата традиционална, ориентална звучност, носеше меланхоличност, враќајќи се кон корените, кон наследството што го оставиле нивните предци. И двајцата, создаваа волшебство на своите инструменти. Импресивен беше и вокалот на Огур, движејќи се во различни регистри, кој не' доближи до карактеристиките на турската музика. Но, најсилното оружје што го поседуваат овие двајца уметници е нивната суптилност во музицирањето. Тие не се "чаламџии", не покажуваат виртуозност која боде очи, туку нивните вештини се вткаени во специфичноста на музиката што ја носат со себе и во себе. Во тоа е и нивната уметничка големина.
Во оваа саботна вечер, која може да се нарече тематска, вечер на традиционална музика, вечер на музика од светот, каков што е и предзнакот на фестивалот "Оф-фест", настапи и македонскиот квартет на Драган Даутовски, чинам на нашата сцена по пауза од две години, откако во 2010 ја прослави десетгодишнината од постоењето. Очекувано, овој концерт ја воодушеви присутната публика, многубројните фанови на звукот на Даутовски и неговата придружба, кои не го криеја задоволството што повторно ги слушаат овие македонски виртуози на своите инструменти. Тоа го потврди и крајот на концертот, кој траеше нешто повеќе по полноќ, кога публиката со силни аплаузи и извици на браво ги враќаше на бис.
Драган Даутовски, кој се смета за мултиинструменталист, со вештите раце на кавалот и тамбурата секогаш плени, бидејќи неговиот звук е карактеристичен, вокалистката Александра Поповска која импресионира играјќи си со својот глас во мелодиска и речитативна смисла до бескрај, користејќи ги сите негови можности, Бајса Арифовска која е уникатна во вештините на свирење на кавал и тамбура и Ратко Даутовски со својот инвентивен перкусивен сет, се Квартетот "Драган Даутовски" кој не може, а да не ја рефлектира својата неизмерна љубов што и' ја дава на музиката и кај оние од другата страна. Со одличен репертоар, составен од стари и нови теми, тие не' "возеа" низ сите светски меридијани, носејќи ги македонските традиционални звуци низ другите предели, создавајќи ја нашата звучност, нашата припадност достапна секому. И оние постари композиции кои публиката ги препознаваше, сега звучеа свежо, сега не' гледаа со нови очи. Едноставно, тоа беше вечер која ќе се памети.
|