05.06.2012, 14:26 (ИНТЕРВЈУ) Политиката нема да престане да се меша во театарот
„Често мислам дека нашиот театар како да не сака да каже ништо, или тоа што сака да го каже не значи ништо“, вели режисерот Александар Поповски
Сунчица Уневска
По извонредниот прием на претставата „Животот на Молиер“, Александар Поповски замина за Загреб, каде што ќе остане цела година и ќе постави неколку претстави во тамошните театри. Прва е претставата за Одисеј по текст на Горан Стефановски, која Поповски ја поставува во театарот „Улисис“ на Раде Шербеџија како копродукција меѓу повеќе театари од регионот. Нејзината премиера се очекува во текот на јули. Но, ние со Поповски преку Молиер се навраќаме на состојбата со македонскиот театар.
За Вашето враќање во МНТ по цели 10 години го одбравте „Животот на Молиер“, претстава која се занимава со актерот и со неговиот интегритет. Беше ли изборот случаен, како претстава која во тој миг сакавте да ја поставите, или имаше во тоа намера и порака?
- Никогаш ништо не сум работел случајно. Сите мисли и искажани зборови се таму поради мојот став, кој го бранам дури и кога не сум во право. Молиер, едноставно, беше вистинската приказна за состојбата во театарот и светот околу театарот, онака како што денес ја доживувам. Секој од нас е одговорен за светот околу себе. Секој од нас е обдарен со две уши и две очи и сива маса помеѓу нив и дадена му е моќ да зборува и да ги артикулира сопствените мисли. Дали мислите ќе станат дело, тоа е она по што се разликуваме.
Борбата за сцената е борба за мојот простор. Мислам дека културата го отстапи сопствениот простор во јавниот живот. Делумно за тоа се виновни медиумите, делумно културните работници. Така, денес, кога некој од областа на културата дава интервју тој главно зборува за политика, мода, љубовници, кујна и купатило. Евентуално плочки. Кога еден политичар бил ставен во ситуација да одговори прашање од областа на културата? Затоа мислев дека треба да се зборува за мојот простор на дејствување и за негова одбрана. Што би рекол големиот Волтер: „Време е секој да почне да ја работи сопствената градина“.
„Молиер“ помина одлично. Се оствари ли тоа од што помалку стравувавте? Колку сте задоволен, успеа ли да допре до публиката, но и до некои инстанции, она што сакавте да го порачате?
Во секој случај, не стравував од тоа дали ќе помине добро. Да бидам искрен, а да не звучам претенциозно, не стравував од успех или неуспех. Стравував од тоа да не не ми успее да го направам она што го чувствувам. Нема ништо пострашно од тоа да успееш, а да знаеш дека не си го направил она што си го сакал. Оваа претстава е направена без ниту еден компромис. Таа претрпе големи преместувања и доработувања токму поради тоа што сакав да биде ваква и никаква поинаку. Баш ваква.
Во текот на годините во кои не работевте овде изјавувавте дека тоа е Ваш избор, бидејќи не Ви се допаѓа какви се работите во театарот. Дали сега работите се сменети, дали политиката помалку се меша во театарот?
Меѓу другото, оваа претстава зборува за тоа дека политиката никогаш нема да престане да се меша во театарот. И не само во театарот, таа никогаш нема да престане да се меша во нашите животи. Зошто кога јас одам по улица никој не го запира сообраќајот? Зошто се тие со својата задача која ја имаат попривилегирани од нас останатите? Зошто тие треба да се чуваат некој да не ги убие, а ние сме божем на сигурно, бидејќи тие не' штитат. Како тоа не' штитат? Така што се возат во блиндирани автомобили?
Не знам дали работите се смениле, знам дека јас сум се сменил. Немам нерви за никого повеќе и максимално сум нетолерантен. Ми помина животот мене додека се изначекам сите да ни се изнаредат. Ништо не постигнувам со тоа што не работам..., работат други, па уште повеќе се нервирам.
Имате ли чувство понекогаш дека сте како Молиер. Дека во Вашите претстави зборувате без скрупули, дека умеете да вперите со прст, да барате одговори и да ги откривате апсурдите?
Јас сум чист, никому не мислам лошо и никого не навредувам. Мене глупоста ме иритира и таа реакција е мојот вперен прст. Но, исто така, како и Молиер, знам и да клечам, и да молам и да плачам кога сакам да ми биде овозможено да ја прикажам мојата пиеса. Ние, уметниците, сме чудни животинчиња. Кога сме во скутот на апсолутите и кога не думкаат - ни е убаво, кога ќе ни мавнат клоца в газ - пцуеме на цел глас. Е, сега, има уметници кои и кога ќе ги клоцнат им е убаво. Демек, чизмата на апсолутот им годела. Анусот најдобро знае!
Во последно време постојано се повторуваше една реченица – зошто молчат интелектуалците? Јас мислам дека е време да помислиме нешто друго. Да помислиме дека можеби не молчат, можеби ги нема. Можеби немаме интелектуална елита. Каде се, каде се? Е каде се, де? Не може 20 и кусур години да не се направи ништо за еден профил на луѓе и тогаш преку ноќ да се прашаме каде се. Ете ни ги сега сите естрадни ѕвезди со имињата на подарените автомобили, тие нека ни бидат интелектуална елита. Водителки со фризури и пресоблечени мажи. Што ќе ни се интелектуалци кога го имаме Латас? Интелектуалците се и онака штетни. Нејасни се и постојано нешто прашуваат. Очигледно, на луѓето им е потребно да им се каже што треба да прават. Јас секогаш кога нешто не разбирам, гледам вести на Сител.
Во претставата за Молиер успевате многу едноставно и некако природно да го допрете актуелниот миг. „Лицемерството е најпривилегирано од сите гревови“, се вели во претставата. Може ли да се каже дека тоа е обележје на нашево живеење?
- Да, и како најпривилегиран грев, тоа ужива во сопствената неказнивост. Ова се реченици напишани пред четири века, а толку силно звучат денес. Тоа зборува за фактот колку малку човекот се менува. Односно, колку малку се менува неговиот карактер. Добрата работа со лицемерството е во тоа што брзо му минува модата. Денес веќе и малите деца знаат дека тој чичко што им кажува нешто лаже. Никој никому повеќе ништо не му верува. И брзо ќе дојде време кога и најголемите лицемери жестоко ќе ја бараат вистината, затоа што ќе се фатат во сопствената стапица.
Еве еден пример за да биде појасно. Во стариот Драмски театар во бифето постојано се смислувале ситни шеги. Една од најомилената била да им јавиш на сите дека тој ден нема да имаат вода (во тоа време се штедеше на вода). И сите веднаш полнат када. Си оди дома тој што ја смислил шегата и ја наоѓа кадата во својот дом полна. Ете убав пример што ќе им се случи на сите оние кои едно зборуваат, а друго прават. Ќе си ја најдат полна кадата.
Што е она што во овој момент сакате да го работите, во смисла на тема, бидејќи имам чувство дека кога поставувате претстави, секогаш се занимавате со актуелни прашања, па дури и со филозофски пристап кон суштината во живеењето. Што е она што во овој момент Ве преокупира?
- Приказната за Одисеј. Човекот кој со години талка по светот и не може да се врати дома. Приказната за боговите кои решаваат за тоа кој ќе си оди дома, кој ќе биде херој, кој е подобен, кој не е, каде ќе живееме и како, кога ќе има војна, кога струја, кога рецесија, кога ѕид, кога соживот и кога братоубиствена војна. И тоа се' додека луѓето не престанат да веруваат во нив. Толку едноставно, а толку невозможно. Секој Бог исчезнува тогаш кога ќе престанеме да веруваме во неговото постоење.
Е, сега, прашање е зошто не го барам херојот во оние што доаѓаат, туку назад, во оние што некогаш биле херои. Имам одговор, ама нема да го дадам. Не препорачувам топло на секој читател да ја прочита Хомеровата „Одисеја“, ама може барем да се потруди да ја разгледа сликовницата. Таму се сите одговори.
Верувате ли се' уште дека театарот може нешто да промени, дека ангажираноста и актуелните прашања можат да не' поттикнат да се занимаваме со вистинските вредности?
- Не. Мислам дека таа битка е изгубена. Човекот не е направен да ги менува работите само затоа што така е подобро, тука затоа што му е полошо. Никој не сака да направи ништо додека нешто не го стрефи во глава. Мислам дека ние, Македонците, си патиме од главата. За овие дваесет години се изнаслушав мисли и реченици од кои само ме болеше глава. Имаше тука партиски конгреси во Солун, пипала од октоподи, канџи на орли, антички корени, саат на железничка кој ќе проработи... Во Солун отидоа само на шопинг, од октоподот направија салата, орелот и ден-денес слободно лета, од антиката ќе останат само покриените фалуси со Адамово ливче... евентуално се плашам ако градскиот татко стварно не го проработи саатот.
Работите многу и надвор, можете ли да направите паралела за состојбата со театарот во другите земји и кај нас. Но, и за мешањето на политиката во театарот?
- Секаде е исто. Нема разлика. Има добар и лош театар. Возбудлив театар и театар со спиење. Театар кој нешто сака да ти каже и театар кој е задоволен со самиот себе. И има политика. Таа не потпаѓа под ниту една од претходните две категории.
Често мислам дека нашиот театар како да не сака да каже ништо. Или, тоа што сака да го каже не значи ништо. А од друга страна, тоа е прашање на личен став и афинитет. Да не бидам погрешно разбран, кога велам да се каже нешто, не мислам исклучиво да се коментира актуелната политичка состојба. Животот е огромно поле на теми... може да се одбере која било, само треба да се има став.
Јас сум задоволен со тоа што го имам.
Во Турција е во тек обидот да се затворат сите државни театри и да им се продадат на оние што ќе платат најмногу. А тие потоа нека прават што сакаат со зградите. Ете толку околу политиката и театарот.
|