04.06.2012, 15:40 (ФОТО) „Соба со пијано“ - збир на животни судбини
Целиот филм на Игор Иванов ќе се одвива во една хотелска соба, од каде може да се допре до најсуштествените аспекти на нашето постоење
Сунчица Уневска
ФОТО: Петр Стојановски
Хотелска соба, пијано, собарка и гости го сочинуваат стожерот на новиот филм „Соба со пијано“ на Игор Иванов, чие снимање почна денеска во петтата сала на Скопскиот саем во Скопје. Во изградената хотелска соба, со стилски намештај, со многу огледала, со столни лампи, со самозатајни детали и се, разбира, со пијаното во централниот дел, започна да се одмотува приказната за различните животни судбини на ликовите кои престојуваат во неа. А за таа единствена локација, хотелската соба, каде што ќе се одвива и речиси целото дејствие на филмот, во дописот од продукцијата на филмот се вели дека е место од каде може да се допре до најсуштествените аспекти на нашето постоење.
„Соба со пијано“ е втор долгометражен игран филм на Игор Иванов, за кој сценариото го потпишуваат заедно Иванов и Жанина Мирчевска, а зад камерата повторно, како негов редовен соработник, е Томи Салковски. Иако круцијалната екипа е иста, како што најави Иванов, сепак, ова е многу поразличен филм од претходниот, „Превртено“. Тој додаде дека во него има своевиден стилски исчекор и дека на еклектичен начин поврзува различни стилови.
Веќе се знае дека филмот собра интернационална екипа, во која има актери од соседните земји: Србија, Словенија, Хрватска и Косово, но и од САД, Германија и Велика Британија. Покрај нашите актери: Наташа Петровиќ, Јовица Михајловски, Игор Стојчевски, Симона Спировска, Фирдаус Неби, Дениз Абдула, во филмот играат и Светозар Цветковиќ и Невена Ристиќ од Србија, Јагода Кумриќ од Хрватска, Ива Крајнц од Словенија, потоа Ханес Вагенер од Германија, Торстен Вогес од САД, како и режисерите Тони Палмер и Мајк Сарн од Велика Британија, кои ќе имаат помали улоги како бизнисмени.
Филмот ќе се снима четири недели и тоа 95 проценти во хотелската соба на Скопскиот саем. Продуцент на филмот е „Скопје филм студио“.
|