29.05.2012, 17:03 Се отвора галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“
Просторот посветен на творештвото на доајенот на македонската современа ликовна уметност се отвора вечерва во Музејот на град Скопје
Во Музејот на град Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“, простор посветен на творештвото на доајенот на македонската современа ликовна уметност, сликарот Родољуб Анастасов.
Галеријата ќе ја отворат градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Фондацијата „Јустина и Родољуб Анастасов“, Коста Балабанов, и директорката на Музејот, Љубица Кондијанова. Галеријата е формирана со донација на Анастасов на Музејот на град Скопје, која ја чинат голем број масла, цртежи, графики и акварели од сите периоди на неговото творештво. Во неа постојано ќе бидат изложени авторовите дела што се дел од постојната музејска збирка. Обновата и подготовката на просторот во кој галеријата се наоѓа во целост е финансирана од Град Скопје.
Родољуб Анастасов (1935) е роден во Скопје каде што и работеше како професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност. Дипломирал на Академија за ликовна уметност во Белград, беше член на Меѓународната група „Јуниј“. Сликарот Анастасов е некогашен политички робијаш на Голи Оток. (К.Б.) |