30.05.2012, 14:10 Седми Баскерфест во Скопје од 1 до 10 јуни
Скопје од 1 до 10 јуни ќе биде домаќин на седмиот интернационален фестивал на улични артисти Баскерфест.
Фестивалот и оваа година е под покровителство на Град Скопје, а програмата ќе се реализира на плоштадот Македонија и во рамките на Веро центарот.
На годинашниот Бакерфест ќе настапат 30 артисти и 20 музичари кои, според најавите на организаторот „One Way“, ќе и овозможат на публиката комплетно нови досега невидени перформанси, имајќи предвид дека сите по прв пат учествуваат на фестивалот. Во рамки на Баскерфест ќе биде отворена Пиво градината, која ќе се наоѓа на самиот плоштад.
Свеченото отворање на манифестацијата е закажано за 1 јуни (петок), со почеток во 19 часот, пред Веро-центарот, со одење по жица на акробатотот Крис Бул.
Од платото на Веро-центарот, „уличниот циркус“ ќе се упати кон плоштадот Македонија, каде што градоначалникот на Скопје Коце Трајановски официјално ќе го објави почетокот на фестивалот.
Програмата на фестивалот ќе стартува од 18 часот и ќе трае до 02 часот по полоноќ во текот на работните денови, а за време на викендите и до 03 часот по полноќ.
„Баскерфест 2012 е интернационален, мултикултурен, уличен настан со кој се збогатува културната и забавната содржина на Скопје, со неколкудневни исклучителни моменти за смеа и радост на граѓаните.
- Ова е манифестација која прерасна во долгогодишна традиција и е интересена не само за граѓаните од Скопје и Македонија, туку и за граѓаните од соседните земји, изјави Пане Темов од „One Way“. Тој најави бројни акробатски настапи, познати брејк денсери кои настапуваат на шоута на Џеј Лено, магионичари, танчери, жонглери и уметници од Австралија, Канада, Аргентина, Полска, Италија, Нов Зеланд, САД, Германија, Ирска, Јапонија, Боливија....., како и музички бендови кои ќе ја надополнат и комплетираат богатата Баскеровска програма.
|