31.05.2012, 10:38 ЕУ се надева на ирско „Да“ за фискалниот пакт
Меѓу 25 земји кои го потпишаа или треба да го потпишат фискалниот пакт на ЕУ, само во Ирска треба да се одржи референдум. Велика Британија и Чешка се против пактот, кој содржи строги правила за буџетска дисциплина, како и правила за национална кочница за долговите.
Ирскиот премиер Енда Кени се надева на силно „Да“ од Ирците, како што кажа пред три месеци. Меѓутоа расположението во владините кругови, оттогаш се промени.
„Ќе биде изгласан референдумот, но резултатот ќе биде далеку потесен отколку што се мисли“, вели Брајан Хајес кој работи во минстерството за финансии и и’ припаѓа на Фине Геил партијата на премиерот. Последните анкети укажуваат дека ќе биде изгласано мнозинство за пактот, меѓутоа многу граѓани се’ уште се неодлучни, како ќе гласаат.
Дека ирската влада за оваа тема се произнесува внимателно, е поврзано со зголемената несигурност во Европа. Новиот француски претседател Франсоа Оланд во изборната кампања вети дека ќе бара промена на европскиот пакт. Политичката ситуација во Грција и натаму е неизвесна. „Во моментов се водат живи дискусии, како понатаму на европско ниво“, смета Сиобан О’ Дoнихју од „Бетер Јуроп“, кои бараат Ирците да гласаат против фискалниот пакт.
Германската кацнеларка Ангела Меркел и натаму е на ставот дека Германија нема да се согласи со промена на пактот, дали пред или по ирскиот референдум.
„Во оваа фаза не е можно да се водат дополнителни или нови преговори“, подвлече портпаролот на владата во Берлин Штефен Зајберт. (Дојче Веле)
|