01.06.2012, 16:12 Иванов: Безбедносната состојба не е загрозена
Претседателот потенцира дека идентитетот и јазикот се реалност која, како што додава, сакал некој или не, е тука, и може само да се почитува и да се констатира
Претседателот Ѓорге Иванов, во рамките на интервјуто за „Дневник", оценува дека безбедносната состојба во државата не е загрозена, ниту по свирепата егзекуција кај Железарското езеро.
„Се случи трагичен настан, се изгубија невини животи, што сите не погоди. Настан кој предизвика тензии во јавноста и резултира со протести, но немаше последици за општата безбедносна состојба ниту нејзино ескалирање. Сите институции крајно одговорно ја вршеа и ја вршат работата согласно со Уставот и со законите", истакнува шефот на државата, кој понатаму во разговорот вели дека нема да има промена на стратешките определби на државата.
"Никогаш нема да прифатиме ултиматум, уцени, или какво било решение што на кој било начин може да ни наштети на идентитетот, на јазикот. Нема и нема да има промена на стратешките определби. Има два начина да се реализираат нашите цели: прво, Грција да ги почитува меѓународните обврски, кои самата ги презела. Второ, да биде конструктивна во разговорите за името и да се придржува до предвидената рамка и до она што е предмет на разговорите. Без постојано наметнување нови услови, барања и навлегување во идентитетските прашања за да можеме да дојдеме до заемно прифатливо решение", порача Иванов.
Тој потенцира дека идентитетот и јазикот се реалност која, како што додава, сакал некој или не, е тука, и може само да се почитува и да се констатира.
Во интервјуто Иванов зборува и за неодамнешното објавување доверливи документи во јавноста, при што истакнува дека "поранешниот претседател направи неодговорен и неразумен потег, штетен за државните интереси и, пред се, контрапродуктивен за целокупниот процес на разговори". Иванов, притоа нагласува дека "за прашањата од државен интерес треба што поголемо единство, соработка и конструктивен пристап, без креирање поделби и конфузија кај граѓаните".
|