04.06.2012, 12:25 „Скопје креатива“ во игло во Градски парк
Фестивалот ќе се одвива од 14 до 16 јуни, како дел од проектот „Креативни индустрии“
На неколку локации во Градскиот парк, од 14 до 16 јуни во Скопје ќе се одвива нов фестивал „Скопје креатива“ како дел од почнатиот проект на Градот, „Креативни индустрии“, кој пак е насочен кон придвижување на капацитетите на културата и на дел од бизнис-секторот. Како тридневен настан, Фестивалот за првпат е дел од Програмата за култура на Град Скопје, негов носител е Секторот за јавни дејности, а извршен продуцент Здружението за култура и уметност „Сплунг автори - Театар 007“.
„Скопје креатива“ ќе опфати шест тематски целини: звук, текст, облик, мултимедија, комуникација и дискурс, кои како области ќе бидат презентирани преку работилници, перформанси и други културни активности.
Планирано е да се реализираат низа активности што ќе го дефинираат концептот за отворање на Центар за креативни индустрии, кој треба да обедини неколку области: архитектура, дизајн, визуелни уметности, видеоигри, ТВ-продукција, ИТ-технологија, изработка на програмски опреми за компјутери (софтвери), маркетинг, екологија, културно наследство и друго. Почетокот е на 14 јуни во игло, кое ќе биде поставено во централниот дел на паркот, каде што ќе биде одржана конференција посветена на креативните индустрии. Во него истиот ден ќе биде поставен и перформанс под наслов „Интерактивна вечера“ како и моден перформанс во реализација на „Фешн вик - Македонија“.
Во истиот интересен простор во наредните два фестивалски дена ќе бидат презентирани, како што е најавено во оваа пригода, најдобрите македонски производи: работата на „Фх3х студио“ од Македонија, кое соработува со престижните холивудски продукции; креативните грејни тела во реализација на „Завар“; креативниот дизајн на мебел во реализација на „Пункт мебел“; идејни софтверски решенија на „Интелиџент софтвер солушн“, како и концептуалната мода во реализација на „Лудус“.
Дел од младите автори од Македонија, пак, на просторот околу иглото ќе се претстават преку дела што ќе се изработуваат во книжевна и музичка работилница, преку интерактивна театарска презентација на изработка на филигран и на муминтрол кукли, преку презентација на редизајниран мебел, преку архитектонско обликување на паркот, преку графички дизајн и на рециклиран дизајн на мебел и на интерактивни содржини од „Пакомак“. Град Скопје од пред две години е официјален член на мрежата на креативни градови Les Ren Contract, кои работат на развивање на секторот на Креативни индустрии. (К.Б.)
|