29.05.2012, 16:10 Праизведба на „Змејовата невеста“ во прилепскиот театар
На сцената од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ утревечер ансамблот ќе ја одигра праизведбата на претставата „Змејовата невеста“ од Димитар Молеров, во режија на младата режисерка Нела Витошевиќ
Овој македонски битов текст, како што вели режисерката, авангарден за времето кога е напишан, таа одамна сакала да го постави на сцена, со оглед на вечната тема што ја третира, а која секогаш останува култна низ времето.
„Генерално приказната за забранетата љубов меѓу девојката и змејот е доста едноставна.Приказна која зборува за забранета љубов, која беше еден почетен импулс за мене, да се нафатам со оваа тема и да ја работам. Зашто сметам дека тие теми за забранети, вечни љубови, без разлика дали се родови, полови, етнички остануваат секогаш запамтени и како култни низ времето“, вели режисерката Витошевиќ.
Претставата е современа бајка во форма на мјузикл, музиката ја пишуваше Огнен Анастасовки, а стилот на игра е во гротескен манир.
Улогата на змејот ја толкува Зоран Иваноски, а на девојката Јана Марија Спиркоска Илијеска. „Како лик има една доста голема развојна линија, затоа што почнува од преголема љубов која на почеток не знаеш дека би била забранета, стигнува до сите околу. Треба распределба на енергијата и на емоцијата за сетоа тоа да изгледа многу реално“, вели Спиркоска-Илијеска.
Овој обид да се изгради една вечна љубов, ќе го оцени прилепската публика која има изострен критериум за театарски остварувања. Оваа е всушност и првата премиера на прилепскиот театар годинава, а се планирани пет проекти. (М.Т.)
|