01.06.2012, 19:58 Саботни муабети
Секој со своите „бубачки“
Огнен Јанески
Балканската фолк-икона Цеца пред Задушница го задуши Скопје со огромниот број посетители на нејзиниот концерт одржан во четвртокот, во „Метрополис Арената“, за разлика од светски популарната французинка Заз кој три дена пред Цеца, скромно си ги собра своите обожаватели во „Универзалната Сала“. Секој со своите „бубачки“ би рекол во оваа пригода.
Вечерта на одржувањето на концертот на Цеца, пријателите бурно ми се подготвуваа за проследување на овој настан на годината, па ме прашаа дали сакам да одам со нив. Мојот одговор беше дека веќе се имам договорено за да ја проследам балетската претстава „Меѓусвет“ на Танцовата академија на Рисима Рисимкин, по што, секако, „сељакот“ во приказната испаднав јас, зашто бев можеби меѓу ретките кои не беа на Цеца, или кој не ги објавуваше нејзините песни на своите Фејсбук-профили. Секако од сечија страна, епитетот ми беше доделен на шега.
И додека Цецините фанови пееја како едно со неа, јас седев, следејќи балет, во публика која броеше максимум 30 луѓе, а седишта имаше баш толку. Тука некаде ми прелета и мислата за Заз, која беше долго најавувана и за која првенствено беше објавено дека ќе го одржи концертот во „Метрополис Арена“, но, разбирливо, поради страв од недоволна продажба, го преселија во Универзална. И со право! Вака барем Заз беше уважена како вистинска ѕвезда, со полна сала, која собира толку - колку и плоштадот на Монмартр во Париз.
Она што ми се јави како размисла не е прашањето на вкусови на младите или постарите. Факт е дека Светлана Ражнатовиќ – Цеца, му се допаѓало тоа некому или не, стана историја на Балканот, примарно преку музиката, секундарно преку поврзаноста со мафијата. И од моја гледна точка, морам да кажам дека имам почитување за неа само поради нејзината упорност и покрај се’ да се одржи со децении на сцена. Е добро де, има и една-две песни што би ги слушал, признавам.
Но, размислата што ја имам во главата се’ уште, е впрочем моментумот дека нашите културни работници од областа на класичната музика, операта, балетот, филхармонијата, филмот... се свесни за состојбата во која се наоѓаат, па прифаќајќи го тоа, прават претстави и прикажувања за мали публики, на мали сцени, опишувајќи го тоа како нешто што е интимно за нив и за публиката и притоа ни го натураат како нов видик во уметноста.
Чуден герила-маркетинг, кој следствено се јавува поради немањето поддршка од државните институции толку – колку што имаат Лепа Брена и Харис Џиновиќ, на пример, за настапот на очекуваниот Пиво-Фест во Прилеп, но и најмногу поради публиката која, или веќе не сака да се „преправа“ дека разбира што е всушност уметноста, иако многупати им е неразбирлива, или пак, веќе не е елитно да се оди на уметнички настани, каде што единствено (според стереотипите) пријатно се чувствуваат луѓето што изгледаат чудно. Можеби повеќето се веќе уморни од ставање маски, кои не им прилегаат.
Можеби на народот му е веќе смачено да се обидува да разбере нешто, што му е толку далечно, па потребата од забава ја наоѓа кај најупростените нешта, како што се турбо-фолк музиката, уметничките инсталации, кич-танците, стенд-ап комедиите и сличните појави на новото време.
Во случајот, се обидувам да зафатам нечија страна и да сфатам во која насока да оценувам, но, на крајот единствено ќе разберам дека секој си има право на свој личен избор и на свои вкусови. И никој, ама баш никој нема право да го критикува вкусот на другиот, зашто ќе треба да очекува дека истото ќе му се врати.
Времето кога требаше да се сопрат овие појави, особено кај нас на Балканот, замина, помина и не’ одмина. Тогаш кога некој требаше да реагира, не дејствуваше, па така сега, редно е да се прифатат желбите на луѓето. Впрочем, во ова општество во коешто живееме, единственото демократско право на избор е токму вкусот за забава, уметноста по свое видување и личното мислење, иако многумина се обидуваат и токму во тоа да завлезат со критика и автократност. Но, неуспешно е чинам, зашто економијата малку повеќе потпркнува од Брена и од Цеца, отколку од Заз или Дуран Дуран, па така, останува да се навикнеме и да си одбереме во која насока ние ќе одиме – кон малите и интимни, а сепак критички оценети како „фантастични“ претстави и филмови, или пак на масовно посетените и без никаква критика концер��и.
Во секој случај, за да видите дека некогаш може да се спојат и двете страни во една, односно интимното и масовното – побарајте ја иконата на Цеца на Гугл или Фејсбук. Во тој стил ви ја честитам Естрадна Уметница (Ест. Ум) Цеца! Нека е за многу години и повеќе. |