01.06.2012, 19:56 Кралска пловидба низ Темза за дијамантскиот јубилеј
Регатата по Темза ќе плови 12 километри и ќе трае 90 минути за да се поминат сите предвидени точки од рутата
Јасминка Павловска
В недела, на 3. јуни, како дел од одбележувањето на дијамантскиот јубилеј од владеењето со Велика Британија на Елизабета Втора, по реката Темза, низ Лондон, ќе се одржи голема пловна парада, од која кралицата ќе ги поздрави своите поданици. Пловната церемонија е дел од продолжениот викенд на прослави за 60. години на кралицата, минати на тронот, кои ќе се одржуваат од 2 до 5 јуни. Рутата на пловната церемонија ќе биде од Вандсворт до Тауер бриџ, минувајќи под 14 моста. За таа пригода ќе биде запрена редовната навигација низ Темза во текот на целиот ден. Поради ова церемонијално пловење на кралицата и нејзиното семејство, нивото на реката ќе биде подигнато, т.е. бариерите за намалувањето на плимата во Темза ќе бидат подигнати подолго од вообичаеното време.
Парадата беше првиот голем настан од кралската прослава, што беше објавен уште во април минатата година. Регатата ќе плови 12 километри и ќе трае 90 минути за да се поминат сите предвидени точки од рутата. Во церемонијалната пловидба ќе учествуваат над 1.000 пловила од различни типови – историски и модерни. Исто така, ќе бидат вклучени воени бродови, како и бродови од службата за итни ситуации. Покрај официјалната регата, ќе биде овозможено на пловидбата да учествуваат и претставници на јавноста, со свои сопствени пловила, секако, со претходно добиена дозвола за учество. Дури и 30.000 граѓани ќе имаат можност да бидат дел од кралската пловидба, патувајќи со патнички бродови. На оваа речна церемонија ќе учествуваат пловила од цела Велика Британија, така и од Комонвелтот, како и од целиот свет. Пловилата на регатата ќе бидат на секаков погон – од чамци со весла, преку бродови на пареа, модерни моторни пловила. Сите овие пловила ќе бидат придружувани од брод со пиротехника, на кој ќе биде подготвен огномет, како и една механичка справа што ќе „плука оган“, како митолошките змејови. Меѓу историските пловила ќе бидат вклучени и примероци од малите бродови од битката кај Данкерк.
Водечки брод на парадата ќе биде 27-метарската „Глоријана“, на веслачки погон, кој ќе го придвижуваат 18 веслачи. На овој брод ќе бидат членовите на кралското семејство, освен самата кралица. Иако нема потврда, но Би-Би-Си шпекулира дека таму ќе бидат принцот од Велс, Чарлс, неговата сопруга, војвотката од Корнвол, Камила, неговиот постар син, принцот Вилијам со сопругата Катрин, војвотката од Кембриџ, како и помладиот син на Чарлс, принцот Хари. „Глоријана“ е направена од приватни инвеститори, специјално за јубилејот на кралицата во оваа 2012 година, а изградена е во стилот на кралските сплавови од 18 век, од типот „риџенси“, украсен со златни листови. Овој брод ќе и' биде подарен на кралицата по пловидбената церемонија.
Кралицата Елизабета Втора и нејзиниот сопруг, принцот Филип, војводата од Единбург, ќе бидат во друг брод, 64-метарскиот „Духот на Чартвел“, моторизиран брод со максимална брзина од 11 јазли. Тие ќе седат под златна крошна на врвот на бродот, украсена со црвени пердиња, во стилот на кралските сплавови од 17 и 18 век. Дизајнот треба да асоцира на крунисувањето, Комонвелтот и златната државна кочија. Пловилото е донирано специјално за парадата и изградено за една година, со „задача“ да претставува кралски брод.
Парадата ќе биде организирана во пет секции, одделени со бродови - предводници. Првиот предводнички брод ќе биде подвижна камбанарија, опремена со осум ѕвона, на чие ѕвонење ќе одговараат ѕвоната на црквите по должината на рутата низ која ќе плови парадата.
Парадата е организирана од фондацијата „Темза дијамантски јубилеј“. Финансирана е од приватни донации и спонзорства, а главен организатор на пловечката церемонија е Адријан Еванс. |