06.06.2012, 17:42 Венера „го засени“ Сонцето
Венера помина пред сончевиот диск, феномен жто се случува на секои 105 години
Посматрачите на небото од Земјата можеа да ја видат планетата Венера како поминува преку Сонцето. Поминувањето е многу редок астрономски настан што нема да се види повторно за 105 години.
Посматрачите од северна и централна Америка, и најсеверните делови на Јужна Америка го видоа почетокот на настанот некаде пред зајдисонце. Најдалечниот северозападен дел Америка, Арктикот, западен Пацифик и источна Азија беа сведоци на целото поминување. Обединетото Кралство и останатиот дел на Европа, Блискиот Исток и источна Африка го чекаа локалното изгрејсонце за да ги видат последните фази од поминувањето.
Венера се гледаше како мала црна точка што се движи бавно но сигурно преку соларниот диск. Поминувањето траеше над 6,5 часа.
Најдобри снимки од настанот направи Опсерваторијата за соларна динамика на Американската вселенска агенција (НАСА), која го проучува Сонцето од позиција 36.000 километри над Земјата. Многу граѓани кои сакаа да го посматраат транзитот од прва рака присуствуваа на специјални настани на универзитетите и опсерваториите каде што беше поставена опрема за безбедно гледање.
На Хаваи, едно од најдобрите места за следење на целиот настан, Институтот за астрономија на универзитетот постави телескопски станици на плажата Вајкики. "Имавме 10 телескопи, а редовите беа по 10 на секој телескоп во текот на цел ден", изјави д-р Рој Гел. "Тоа е одлична можност луѓето да научат нешто. Очекував голем интерес, и беше фантастично", изјави тој за "Би-Би-Си њуз".
Џо Кали го гледаше поминувањето на крајот од Аутбек во Нов Јужен Велс, Австралија, што беше уште една идеална позиција. "Возбудливо е. Можеби изгледа само како црна точка на Сонцето, но ако размислиме, ова е еден од неколкуте моменти во кои може да се види планета во движење", рече тој.
Посматрачите од Обединетото Кралство го следеа настанот и покрај мошне облачното време во земјата.
Научниците го посматраа поминувањето за да испитаат идеи кои ќе им помогнат да ги испитаат планетите како Земјата во галаксијата, и да дознаат повеќе за Венера и нејзината комплексна атмосфера. Поминувањата на Венера се случуваат четири пати во приближно 243 години. Поточно, тие се случуваат во двојни настани оддалечени околу осум години, а тие двојни настани се раздалечени за околу 105 или 121 година. Причината за долгите интервали е фактот дека орбитите на Венера и на Земјата не лежат во истата рамнина, а поминување може да се случи само ако двете планети и Сонцето се наоѓаат точно во една линија. Тоа се случи само седум пати претходно во телескопската епоха: во 1631, 1639, 1761, 1769, 1874, 1882 и 2004 г��дина. Идните двојни настани нема да се случат до 2117 и 2125 година.
Феноменот има посебно историско значење. Поминувањата во 17 и 18 век биле искористени од тогашните астрономи за да ги разработат фундаменталните факти за сончевиот систем. Користејќи метод на триангулација (паралакса) тие успеале да го пресметаат растојанието меѓу Земјата и Сонцето - т.н. астрономска единица (АУ) - за која денес знаеме дека е околу 149,6 милиони км. Тоа им овозможило на научниците да добијат прва реална слика за опсегот на работите надвор од Земјата.
Тоа не значи дека поминувањето на Венера во 2012 година се смета само како шоу, без интерес за научниците. Планетарните поминувања денес имаат клучно значење бидејќи претставуваат една од најдобрите методи за откривање светови кои орбитираат околу далечни ѕвезди.
Истражувачите, исто така, ја посматраа Венера одблиску за време на поминувањето, и ја искористија приликата да ги испитаат средните слоеви од атмосферата на планетата - нејзината мезосфера. Тие бараа многу тенок светлосен лак, наречен ореол, што може да се види само кога Венера едноставно го допира работ на сончевиот диск на влез и излез. Светлината и дебелината на ореолот зависи од густината и температурата на атмосферските слоеви над облачните врвови на Венера.
Посматрањата на ореолот се комбинираат со податоците од европското вселенско летало "Венера експрес" во орбитата околу планетата за да се обезбедат информации за ветриштата на големи висини.
Атмосферата на Венера доживува суперротација. Тоа значи дека целата атмосфера кружи околу планетата за четири земјени денови, во тело што се врти само еднаш во 243 земјени денови. (Би-Би-Си) |