06.06.2012, 21:59 Собранието го усвои ребалансот на Буџетот за 2012
Собранието на Република Македонија попладнево со 60 гласа „за“ и 38 против го усвои ребалансот на Буџетот за 2012 година
Ребалансот на Буџетот според предлагачот е навремена и адекватна реакција на Владата на актуелните трендови во економијата кои се последица на кризата во Европа. Со него се зачувува фискалната дисциплина, високо ниво на капитални инвестиции од 20 проценти, не се намалуваат платите, пензиите, социјалните помошти и субвенциите во земјоделството.
На приходната страна извршено е ревидирање на иницијално планираните приходи и нивно намалување за 7,218 милијарди денари, односно за 4,6 отсто. На расходната страна, извршено е ревидирање на планираните расходи за 7,531 милијарди денари, или 4,5 отсто во однос на иницијално планираниот износ. Притоа, опфатени се сите Министерства и буџетски корисници без исклучок.
Со ребалансот се предвидува намалување на расходите за стоки и услуги за околу 1,453 милиони денари, или 8,4 отсто, што опфаќа кратење кај сите расходи кои можат да бидат намалени, а да не го загрозат функционирањето на државната управа како што се расходите за патувања во земјата и странство, трошоци за телефони, договорни услуги, трошоци за репрезентација... Потоа намалување на тековните трансфери од околу 1 отсто, односно 950 милиони денари кои како што се планирани ќе обезбедат да продолжи редовната и навремена исплата на пензиите, надоместоци на невработените лица, исплата на здравствени услуги од ФЗОМ на јавните здравствени установи, а обезбедени се и средства за редовна исплата на стипендиите за учениците и студентите, како и нормално функционирање на дејностите во културата. Субвенциите во земјоделството и програмата за рурален развој остануваат во непроменет износ од 130 милиони евра. Намалувањето на капиталните расходи изнесува 5,572 милијарди денари, со што тие и натаму ќе бидат повисоки од ланските за 20 отсто. Предвидено е намалување пред се кај проектите кои имаат забавена динамика на реализација, со тоа што износите на намалувањата се прецизно утврдени и нема да ги нарушат активностите за реализација на проектите, ниту нивното навремено финансирање.
Буџетскиот дефицит, како основно фискално сидро е задржан на исто ниво од 2,5 отсто од БДП, односно 12,135 милијарди денари, што е основен показател на дисциплинирана фискалната политика. Покривањето на планираниот буџетски дефицит и редовното сервисирање на обврските по основ на домашниот и надворешниот долг, ќе се обезбедат од домашни и странски извори на финансирање. Во рамките на домашниот пазар, ќе продолжат политиките на емисија на долгорочни хартии од вредност со рок од 1, 3 и 5 години, со цел продлабочување на пазарот и збогатување на спектарот на инструменти.
Со Ребалансот се обезбедува одржување на капиталните инвестиции на високо ниво кое е за 20 отсто над оствареното во 2011 година, при истовремено одржување на социјалната компонента на буџетот. Во таа насока, со Ребалансот не се намалени платите, пензиите, социјалните помошти и субвенциите за земјоделците.
Врз основа на антиципиран негативен раст за првиот квартал од годината и постепено заздравување на економската активност посебно во втората половина од годината реалниот раст на БДП во 2012 година се очекува да изнесува 2,5 отсто.
Во текот на изминатите пет дена опозицијата обвинуваше дека предложениот ребаланс е поставен на целосно погрешни претпоставки за растот на економијата и оти по него ќе следи уште еден ребаланс. Забележа дека се кратат средства од витални проекти, градежни активности, изградба на патиштата, како и од здравството и образованието.
За пратениците од владејачкото мнозинство, ребалансот е навремена и адекватна реакција на актуелните трендови во економијата кои се последица на кризата во Европа. Сметаат дека Владата успешно се справува со сите предизвици, без последици по платите, даноците, но со нови инвестиции и намалување на невработеноста и на задолженоста на државата.
Во попладневниот дел од седницата пратеникот Благоја Стојановски од СДСМ ја обвини власта дека со ребалансот на Буџетот се крати на се, освен на рекламите. Според него, наместо да се даваат пари за споменици треба да се инвестираат во енергетиката и во екологијата. - Со 35-те милиони евра кои се наменети за изградба на зграда на Уставниот суд, државата може да купи филтри за сите фабрики што го трујат Скопје, додаде Стојановски.
Пратеничката Косана Николиќ - Мазнева реплицирајќи му на Стојановски меѓу другото рече дека неговото излагање е класичен пример за продавање демагогија. Таа додаде дека кризата е присутна во повеќето земји кои не опкружуваат и нормално е да ја има и кај нас.
Според Изет Зеќири од Националната демократска преродба овој ребаланс на Буџетот е неприфатлив и дискриминаторски, бидејќи не ја рефлектира вистински реалноста.
По гласањето на ребалансот на Буџетот пратеникот од НСДП Горан Мисовски реагираше дека коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успева да обезбеди мнозинство од 62 пратеника кога се донесуваат значајни закони во Парламентот. На Мисовски му реплицираше Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека сите пратеници во Македонија се избрани од граѓаните и треба да бидат на работното место и оти кворумот треба да го обезбедат сите пратеници.
По едночасовната пауза пратениците ја продолжија работата по 34-та седница, но поради немање кворум претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја прекина седницата и продолжението го закажа за в понеделник.
|