05.06.2012, 17:25 СДСМ: Владата отворено се фали со своето расипништво
Новиот анекс со кој ќе бидат потрошени дополнителни 850.000 евра за ентериерно уредување на Порта „Македонија“ се врв на расипништвото на Владата, обвини вчера опозицијата. „Во време кога крати огромни средства од најранливите области, здравството и образованието, кога се задолжуваме речиси секојдневно, а сиромаштијата зафаќа се' поголем број семејства, власта отворено се фали со своето расипништво. Само за периодот додека трае расправата за ребалансот, таа потроши повеќе пари за реклами, фасади и споменици од парите кои ги крати од здравството и образованието“, рече вчера на прес-конференција, Марјанчо Николов од СДСМ, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Тој потсети колку пари се потрошени за секој одделен сегмент кој се реализира во последно време, а е дел од „Скопје 2014“. Така, според СДСМ, трите жални врби имаат вредност од 250.000 евра, односно секоја од нив чини колку трособен стан во Скопје, оградата на мостот кај „Холидеј ин“ е вредна два милиона евра, коњите, ангелите и Прометеј 2,4 милиони евра, воинот, како што велат овој пат без коњ, 5,5 милиони евра.
„На списокот му нема крај. Целосна невистина е ставот дека мораше да се крати од здравството и образованието, бидејќи земјата е во криза. Вистината е дека мораше да се крати за да има уште пари за реклами, фасади и споменици. Ако само за кратко се откажеше од непродуктивните трошоци, немаше да има потреба со ребалансот да кратиме од здравствените услуги на пациентите и од условите во кои нашите деца се образуваат“, рече вчера Марјанчо Николов. (С.Р.)
|