05.06.2012, 22:26 МАНУ со нови академици - ќе бидат ли молчаливи и тие?
„Големата бројка на нови членови од уметноста е враќање кон корените на оваа институција“, вели претседателот Владо Камбовски
Дарко Лешоски Тина Иванова
Лингвистот Ѓорѓи Поп Атанасов, економистот Абдулменаф Беџети, докторката по медицински науки Нада Поп Јорданова, ликовните уметници Глигор Чемерски и Газанфер Бајрам, како и поетот Богомил Ѓузел се новите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Ова беше одлучено на завчерашното седумнаесетто Изборно собрание на кое покрај новите редовни, беа избрани и членови надвор од работниот состав.
Процедурата за прием на нови членови во МАНУ почна пред два месеца откако девет од 34 кандидати за академици, кои ги предложија институции и здруженија, добија преодни оценки од членовите на шесте одделенија на Академијата. А до конечните определени рокови беа донесени 40 предлози за избор на редовни и 12 предлози за избор на членови надвор од работниот состав.
„Поаѓајќи од интегритетот, од нивниот придонес за науката, уметноста, секој во својата област и со својот хабитус, пред се', МАНУ е задоволна од своите нови академици кои беа избрани на седумнаесеттото Изборно собрание одржано на 4 јуни, а на кое гласаа и беа присутни 38 од вкупните 40 академици“, истакна претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, на вчерашното претставување на новите членови на најголемата научна институција.
Тој додаде дека доминантната бројка на нови членови од уметничката област во оваа јубилејна година кога МАНУ слави 45 години од своето постоење е еден вид враќање кон корените на формирањето на оваа институција, на почетокот формирана, пред се', од уметници и писатели за подоцна во неа да доминираат научно-општествени дејци.
На прашањето до каде е најавеното подмладување на МАНУ, Камбовски за „Утрински весник“ изјави дека во тек се подготовки и дискусии за одредени измени во работењето и нормативните регулативи на МАНУ, па во многу скоро време се очекува да бидат избрани прилично млади нови членови, надвор од работниот состав.
Ѓорѓи Поп-Атанасов
Одделение за лингвистика и литературна наука
Проф. д-р Ѓорги Поп-Атанасов е македонски теолог, професор и истражувач. Предава на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје предмети поврзани со Библијата. Во својата научна активност, пак, е ориентиран кон повеќе научни богословски дисциплини, меѓу кои македонска црковна книжевност, историја на македонското православно богослужение, хагиографија, библистика, црковна химнологија.
Роден е во 1940 година во селото Елешница, Разлошко, Пиринскиот дел на Македонија. Богословско образование стекнува во Бугарија и потоа работи како свештеник во Соборниот храм во Благоевград, каде што бил под постојани притисоци поради својата македонска етничка припадност. Затоа доаѓа во Македонија каде што стапува во редовите на Македонската православна црква. Постдипломски студии завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што и докторира. Македонската црковна книжевност ја проучува од повеќе аспекти, почнувајќи од книжевните дела на светите браќа Кирили Методиј и нивните најблиски ученици и соработници, светите Климент и Наум Охридски, одделните духовни школи и манастирски книжевни центри, па се' до одделните црковници - монаси и свештеници. Досега има објавено над 20 книги и повеќе од 150 статии.
Глигор Чемерски
Одделение за уметност
Глигот Чемерски е еден од најзначајните претставници на македонското современо сликарство. Роден е во 1940 година во Кавадарци. Образованието го стекнал во Скопје, Б��лград и во Париз, како стипендист на француската влада во 1969-1970 година. Оттогаш, често работи во француската престолнина, а во последните години е еден од постојаните сликари на „Galerie du Fleuve“.
Покрај сликарство, Глигор Чемерски е значаен графичар и мозаичар. Од 1959 година до крајот на шеесеттите години, пак, интензивно се занимава и со ликовна есеистика како еден од застапниците на уметничката слобода и интелектуалната победа на повоената модерна.
Од 1962 година, кога првпат самостојно изложува во Скопје, следуваат триесетина индивидуални изложби во Охрид, Струмица, Кавадарци, Белград, Загреб, Будва, Александрија, Париз, Хаг, Вашингтон, Вилмингтон, Феетвил... Македонското и југословенското сликарство во периодот до 1991 година ги претставувал во светот. Остварил повеќе монументални дела во Скопје, Вруток, Кавадарци и во Кочани. „Споменикот на слободата“ во Кочани, на пример, изработен во 1981 година, вклучува мозаични фризови од 320 квадратни метри. Едно од последните монументални дела на македонскиот сликар се мозаиците „Македонија - земјата памети“ и „Македонија - светла земја“, кои Чемерски ги изработи за новата претседателска резиденција.
Богомил Ѓузел
Одделение за уметност
Богомил Ѓузел, македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач, е роден во 1939 година во Чачак, Србија, каде што неговиот татко, Димитар Ѓузелов, работел како гимназиски професор со забрана за враќање во Македонија. По бугарската окупација во 1941 година, неговото семејство доаѓа во Скопје, каде што Ѓузел израснал и се школувал. Во 1963 година завршил англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“.
Досега објавил голем број книги поезија, а со свои песни е застапен во сите македонски и југословенски поетски антологии. Богато е и неговото прозно творештво („Историјата како маштеа - есеи, 1971, „Куќа цел свет - житија и патешествија во Ирска и Америка, 1974, „Мито-стории - три изведени драми „Адам и Ева“, „Јов“ и „Алексијада“, 1982, „Легенди“ - раскази, 1984, „Црна“, трагична фарса, заедно со Љубиша Георгиевски...), а досега превел и голем број истакнати автори на македонски јазик. Работел и како драматург во Драмскиот театар во Скопје, а едно време беше и директор на „Струшки вечери на поезијата“. Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“, „Глигор Прличев“, „Алекса Шантиќ“...
Газанфер Бајрам
Одделение за уметност
Газанфер Бајрам е еден од најистакнатите македонски сликари и мозаичари. Роден е во Скопје во 1943 година. Завршил постдипломски студии на Отсекот за монументално сликарство на Академијата за ликовна уметност во Белград, а специјализирал фрескосликарство и мозаик. Две години работел на Отсекот за мозаик на Академијата за убави уметности во Равена. Мозаиците на Бајрам се изложени во музеи и во приватни колекции во Македонија, Италија, Турција, Канада, САД, Австралија, Бугарија и во многу градови на поранешна Југославија. Автор е на мозаиците во Македонскиот народен театар во Скопје, во Собранието на Македонија, како и во ВИП-салата на аеродромот „Александар Велики“. Учествувал на многу групни и самостојни изложби.
Абдулменаф Беџети
Одделение за општествени науки
Д-р Абдулменаф Беџети е роден во 1959 година во Тетово каде што има завршено основно и средно образование. Во 1982 година дипломира на Факултетот за економски науки во Приштина. Досега работел на различни важни позиции како заменик-директор и директор на Управата за јавни приходи на Македонија и министер за развој и комуникации во Владата на РМ. Во 1999 година магистрира на Факултетот за економски науки при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје под менторство на Аксенти Богоев. Својот докторат Беџети го има стекнато во 2002 година на Факултетот за економски науки во Скопје под менторство на проф. д-р Живко Атанасовски на тема: „Јавните расходи во современите земји и Република Македонија - аспекти на рационализација и оптимум“.
По воспоставувањето на ЈИЕ - Тетово во 2001 година, уште во првата година работел како предавач на Факултетот за бизнис-администрација на предметот вовед во финансиско сметководство. Одборот на Универзитетот на ЈИЕ во 2002 година го назначува д-р Беџети за декан на Факултетот за бизнис-администрација.
Нада Поп-Јорданова
Одделение за медицински науки
Нада Поп-Јорданова, родена во 1947 година во Скопје, е редовен професор по педијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје, а моментно е шеф на Катедрата за педијатрија. Основач е и водител на ��дделот за психофизиологија. Член е на Њујоршката академија на науките и на Меѓународниот колеџ за психосоматска медицина во Лондон, како и на повеќе здруженија за психофизиологија, биофидбек, адолесценција и детска психијатрија во Европа и во Америка.
Јорданова на вчерашниот прес во МАНУ истакна дека и ��окрај тоа што членува во три академии во светот, ова членство во МАНУ за неа претставува огромна чест. |