05.06.2012, 22:34 Предизборен амбиент на годишнината од изборите
Опозицијата ги анализира првите 365 дена откако Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ доби уште еден мандат
Во амбиент како утре да се одржуваат избори, домашната политичка елита го помина и вчерашниот ден, кога се наврши точно една година од вторите предвремени парламентарни избори, кои инаку беа седми во историјата на македонскиот плурализам. На изборите што се одржаа на 5 јуни 2011 година, граѓаните и' доверија уште еден мандат на владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која, сепак, изгуби голем дел од гласовите во споредба со 2008 година. СДСМ и ДПА, пак, ги изгубија и овие избори, ама го поправија бодовното салдо, додека ЛДП и Нова демократија ги испуштија позициите во парламентот, каде што, пак, не успеаја да влезат ВМРО-НП, ОМ, Достоинство...
Една година подоцна, во Македонија е во полн ек политичката кампања пред новите локални избори, што треба да се одржат по десет месеци. Опозицијата веќе почна да протестира и да митингува, а паралелно течат преговорите за соработка меѓу фронтот на СДСМ и вонпарламентарните опозициски партии. Со слична жестокост и владејачката партија ги напаѓа политичките противници и се брани од нивните критики.
Дијалогот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и вчера се одвиваше под висок напон, а годишнината од изборите беше една од темите за кои партиските раководства си разменија тешки зборови.
Социјалдемократите оценија дека ова е најлошата година во поновата историја на Македонија. „Македонија назадува во сите области и се движи во погрешна насока. Тоа не е резултат на моменталната состојба во светот, како што сака да не' убеди Владата, туку е резултат на нејзините погрешни политики“, рече Андреј Петров, секретар на СДСМ.
Тој забележа дека има континуиран пад на индустриското производство, дека државата е презадолжена, а компаниите се под постојан притисок. Петров рече дека Македонија ги губи сите битки на меѓународен план, а за демократските процеси и за безбедноста оцени дека никогаш не биле полоши. Меѓуетничките односи ги нарече кревки, забележувајќи дека напнатоста и нетрпеливоста станаа секојдневје. Здравството, нагласи тој, никогаш не броело толку скандали...
Од ВМРО-НП, пак, анализирајќи го новиот владин пакет антикризни мерки, се посомневаа дека ВМРО-ДПМНЕ повторно се подготвува за предвремени избори. „Не е одговорно да ставаат милионски суми народни пари во функција на организирање предвремени избори секогаш кога ќе се почувствуваат загрозени, кога ќе им се намали рејтингот и кога ќе се јават револт и проблеми во нивните редови“, рекоа од Народна.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ им одговорија социјалдемократите, посочувајќи дека Владата во овие неколку години покажала оти се најважни интересите на граѓаните.
„Во овој период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализираше над 2.000 проекти во сите области - во здравството, во образованието, во земјоделството, во сферите на инфраструктурата и на локална самоуправа, во спортот... Во времето на СДСМ немаше ниту проекти, ниту мерки, ниту програма. Луѓето не го познаваа значењето на овие зборови“, рече Александар Николовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, динамиката на реализација на проектите од минатите неколку години е задржана и се прават максимални напори да се зголеми тоа темпо, без разлика на околностите што владеат во економиите во Европа. (А.М.М.) |