08.06.2012, 14:21 Од банка во Капиштец украдени 7.000 евра
Околу седум илјади евра се ограбени од експозитура на „ТТК банка“ во ТЦ „Беверли Хилс“ во скопската населба Капиштец. Оружен и маскиран напаѓач, влегол во банката и им се заканил на шестмината вработени дека ќе ги убие ако не му ги дадат парите. Со пленот, побегнал, па по него се трага.
Како што соопшти полицијата, разбојништвото се случило денеска околу 8 часот на улицата „Народен фронт“. Непознатиот маж со фантомка на главата и пиштол во рацете се втурнал во објектот кога во него останале само шалтерските службеници. Се заканил дека ќе пука, по што одзел 5.600 американски долари, 1.500 евра и 45.000 денари и побегнал.
Најголем дел од дуќаните во трговскиот центар се затворени во периодот кога се случило разбојништвото, поради што и протокот на луѓе во фрекфентниот објект е намален. Пред центарот, стојат таксисти, кои велат дека не забележале ништо необично.
Од „ТТК банка“ вчера преку соопштение го потврдија грабежот. Велат дека најважно е што нема повредени. Според нив, украдени биле околу 300.000 денари, пари што биле осигурени.
Полицијата отвори истрага, а се врши и проверка на снимките од безбедносните камери. (Г.А.)
|