08.06.2012, 15:02 Новинарите на протест в понеделник
Новинарската фела в понеделник ќе протестира пред Основниот суд Скопје 1, поради селективниот однос и лошата судска пракса за предмети против новинарите и покрај тоа што се одолжија разговорите меѓу Здружението на новинарите и Владата за декриминализација на клеветата и навредата.
ЗНМ денеска го свика своето членство во понеделник во 12 часот да го изрази своето незадоволство пред кривичниот суд и од судиите да побара поефикасно да ја применат судската пракса од Стразбур. Одлуката за протест е донесена од страна на Управниот одбор на ЗНМ.
Во основните судови во земјава има 296 предмети во кои како тужители или тужени се јавуваат новинари за кривични дела „навреда“ или „клевета“. Само преку ЗНМ во изминативе три ипол години биле застапувани новинари во 70-тина судски процеси, кои против нив ги покренале политичари, бизнисмени, јавни личности или колеги. Се' почесто новинари со полициска придружба ги носат во судовите затоа што не со одзвале на судските покани.
„На протестот сакаме да ја потсетиме судската власт дека е најповикана да ги заштити правата и слободите на граѓаните како и правото на слобода на изразување. Идејата на протестот е јавно да го изразиме нашето незадоволство од односот на некои судии кои наместо да ја променат досегашната лоша судска пракса го заоструваат односот кон новинарите кога одлучуваат за судските предмети за клевета и навреда“, велат во ЗНМ. Големиот број на тужби за клевета и навреда против новинари се користат како средства за вршење на притисок. Новинарите се соочуваат со селективната примена на правото и несоодветна примена на законите и непримена на праксата на Судот во Стразбур. Седмата сила се соочува со високи парични казни, долги постапки кои траат со години, а не се применуваат ниту правилата за каскадана одговорност.
„На протестот ќе изразиме поддршка за судиите кои на одговорен начин ја извршуваат судската функција, почитувајќи го домашното и меѓународното законодавство и ќе ги охрабриме да не отстапат од ваквата практика без разлика на евентуалните притисоци. На крај ќе пратиме порака дека ако не се поправат работите ќе мораме да ги посочиме јавно со име и презиме судиите кои на несоодветен начин го применуваат домашното и меѓународното право“, велат од ЗНМ.
|