07.06.2012, 13:38 (ФОТО) „Не забораваме!“ - граѓаните потсетија на Мартин Нешкоски
Стотина млади одбележаа една година од првите спонтани собири против полициската бруталност
Бојан Шашевски
ФОТО: Киро Попов
Граѓанската иницијатива „Стоп на полициската бруталност“ повторно одржа протестен марш по скопските улици. Неколку стотини граѓани вчера одбележаа точно една година од првите спонтани собири кога револтирана група излезе да протестира против полициската бруталност и да бара правда за убиеното момче од припадник на специјалните сили на МВР. Повторно на виделина излегоа отворените пароли „Не ме тепај“, „Ако премолчиш ти си следен“, „192 - страв ми е да се јавам“. Улиците ечеа со извиците „Проширена истрага“, „Алфашизам“, „МВР под истрага“, „Имате ли деца“, „Убијци“, „Ние не сме насилни“.
Насобраната група потсети зошто неуморно и упорно се протестираше во изминатава година и порача никогаш повеќе да не се повтори трагичниот настан со Мартин. Преку Спомен куќата на Мајка Тереза, „Рекорд“, полициската станица „Беко“, по улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“, МВР, Собранието и назад, граѓаните во еден здив порачаа „Не забораваме!“.
На патот кон седиштето на МВР повторно наидоа на густ прстен од полициски специјалци. Барикадата забрани премин после надвозникот кај улиците „Железничка“ и „Бихаќска“. Младите креваа раце и покажуваа гестови во знак на мир, солидарност и ненасилство, упатуваа пораки за слобода на движење. Но, воружените полицијци не пуштаа никого, дури ни од слободните минувачи, па граѓаните симболично им го свртеа грбот.
Насобраниот народ уште еднаш потсети на обидот на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и портпаролот Иво Котевски да ја излажат јавноста за убистото на младото момче, но и на, како што сметаат, нивната одлучност да продолжат да ја вршат професијата без да помислат на оставки како совесно решение и морален чин. Учесниците во протестниот марш повторно ја поттикнаа потребата од надворешна контрола над припадниците на МВР, темелна реформа на специјалните единици и хуманизација на професијата полицаец, преку ангажирање на полицајците во општествено корисна работа. Сметаат дека и кога полицијата ќе биде на висината на својата задача, граѓаните, за секој случај, повторно ќе бидат тука да ги следат нивните активности.
|